RK Tineks Prolet Тинекс Пролет заврши уште една успешна сезона во македонското елитно ракометно друштво, остварувајќи ја првично поставената цел за пласман во плеј-офот. Тимот на Александар Јовиќ, составен од млади и перспективни ракометари, одигра серија квалитетни натпревари, истакнувајќи се како конкурентен противник дури и против тимовите со значително поголеми буџети.
И покрај тоа што Тинекс Пролет забележа само три победи во плеј-офот, тимот покажа извонредна борбеност, особено на домашен терен, каде успеа да им парира на ривалите. Директорот Сашо Огњеновски истакна дека целокупната управа е задоволна од постигнатото и дека оваа сезона може да се оцени како успешна.
„Кога ќе се осврнеме на целата сезона, оценка на мене како директор и на целокупната управа е дека станува збор за успешен шампионат. Од година до година се поголем е бројот на клубови што влегуваат со сериозни вложувања во македонскиот ракомет, конкуренцијата е се поголема. Тинекс Пролет веќе стави до знаење дека нема намера да влегува во такви трки со огромни буџети, уште повеќе ако се знае дека сме еден од ретките колективи без апсолутно никаква помош од општината. Без оглед на се, остануваме доследни на сопствените принципи во работата. Наша цел отсекогаш била вложување во македонски играчи, давање шанса на млади домашни ракометари, не отстапивме од тоа сезонава ниту пак ќе отстапиме од тој пат во годините што следат, бидејќи тоа е она на што сме најмногу горди како клуб“, вели директорот Сашо Огњеновски.
Тој истакна дека голем број на млади ракометари добија шанса да настапат против силни ривали како Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и Алкалоид, и дека тоа искуство ќе им биде драгоцено за предизвиците во наредната сезона.
„Младите играа против реномирани ривали и како што одминуваше времето така и нивната форма се креваше, нема сомнеж дека таквото искуство ќе им биде драгоцено за наредниот период. Слободно можам да кажам дека доаѓањето на Александар Јовиќ како нов тренер беше вистински погодок, станува збор за професионалец кој не само што одлично го познава ракометот, туку и има голема желба да работи со помладите играчи и да помага во нивниот развој, со што целосно се вклопува во нашиот концепт. Впрочем, тој работи со помладите играчи и по завршувањето на сезонава, се со цел да им помогне што побрзо да напредуваат и уште по подготвени да ја дочекаат наредната сезона“, истакнува Огњеновски.
Огњеновски е задоволен и од функционирањето на младинската школа и настапот на младинската екипа на Тинекс Пролет.
„Мора да се биде задоволен кога младинците ја завршија сезоната на второто место во целиот македонски ракомет, а голем дел од овие играчи во последните десетина месеци тренираа и играа и за првиот тим. Тоа е она што Пролет го красело и што се повтори и овојпат, што ги прави сите во клубот особено горди. Имаме двајца ракометари на младинскиот европски шампионат, иако мое лично мислење е дека на тој список како трет мораше да се најде и Тотиќ, кој заслужува да биде дел од ова големо натпреварување“, вели директорот на Тинекс Пролет.

