Станковски ја напушти клупата, Јовановски се врати во Работнички

Горан Станковски веќе не е шеф на стручниот штаб на Работнички…

Тој поднесе неотповиклива оставка на функцијата преземајќи ја одговорноста за последните резултати на тимот.
По ремито (1-1) против Академија Пандев, Станковски имаше состанок со раководството и го информираше дека ќе си замине од тренерската позиција.

Поднесов оставка од позицијата шеф на стручен штаб на Работнички. Мислам дека ова е вистински потег од моја страна, да преземам одговорност за досегашните резултати на тимот во првенството.

На тимот му е потребен нов импулс за да продолжи со подобри игри и резултати, а тренерот е тој што секогаш треба прв да ја преземе одговорноста.

Сакам да изразам благодарност до раководството на клубот, претседателот Драган Поповски за укажаната доверба, и на ФК Работнички му посакувам многу успеси во наредниот период. И понатаму верувам дека овој тим може да ги исполни своите цели“, изјави Горан Станковски.

Прославеното име на македонскиот фудбал и поранешен селектор, Ѓоре Јовановски е именуван за нов тренер на Работнички.

Овој искусен стратег ќе ги води „романтичарите“ до крајот на актуелнава сезона. По третпат се враќа на клупата на овој тим откако беше на чело од 2003 до 2007 година, а потоа го водеше и во сезоната 2011/2012.

Прв асистент на новиот стратег ќе биде поранешниот фудбалер на клубот Зоран Јовановски.

Фото: fkrabotnicki.com