Си замина Мајсторовиќ, а Синовец по четврти пат доаѓа во МЗТ Скопје Аеродром!

Српскиот интернационалец Стефан Синовец од денеска е нов член на МЗТ Скопје…

Ова претставува негово четврто доаѓање во аеродромскиот клуб, откако претходно настапуваше во сезоните 2013/14, 2014/15 и 2016/17.

Тој најавува дека ќе стори сѐ да дојде до четвртата шампионска титула со „металците“, откако славеше во 2014, 2015 и 2017 година.

Неговиот договор е до крајот на сезоната, а тој доаѓа од таборот на српската екипа Мега Бекамс, каде што во АБА-лигата имаше просек од 9,4 поени, 4,5 скока и 3,1 асистенции.

Синовец се очекува да пристигне во Скопје утре рано наутро за да ги заврши сите формалности околу договорот и да може да дебитира на задутрешната пресметка со Кожув во салата „Јане Сандански“.

Со „штрковите“ се раздели неговиот сонародник Ѓорѓе Мајсторовиќ и тоа со спогодбен раскин на договорот. Тој дојде на почетокот на ноември и одигра 14 средби во регионалното натпревараување со просек од 4,8 поени и 2,7 скока.

Дерби мечот против Работнички беше последен за него во составот на МЗТ и управата му се заблагодарува на тоа што го даде за клубот и му посакува сѐ најдобро во кариерата.

Фото: mztskopjeaerodrom.mk