Си замина Хрватот Мавра, МЗТ ангажираше босански плејмејкер

Актуелниот македонски кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе ѝ гостува на Блокотехна (18.30 часот) во последниот меч од 15. коло од Првата лига во кој ќе настапи со променет состав, пред сѐ на плејмејкерската позиција.

На пресметката во Гевгелија, тренерот Жељко Лукајиќ ќе може да смета на двајца нови кошаркари – Џордон Крафорд и Алексеј Нешовиќ. Американецот веќе извесно време тренира со новите клупски колеги во очекување на сертификатот од НБА Џи-лигата, кој пристигна навреме за да може да дебитира со Блокотехна исто како и поранешниот репрезентативец на БиХ.

Во сино-белиот дрес, пак, во иднина ќе го нема хрватскиот репрезентативец Доминик Мавра, кој доби раскин на договорот со МЗТ Скопје Аеродром, откако неговиот нов клуб, литвански Лиеткабелис, ја плати бараната оштета. Тој е вториот кошаркар за кого клубот од „Јане Сандански“ доби солидна сума пари за да му издаде исписница, по Американецот Ксавиер Темс на почетокот од сезоната.

На средбата во Гевгелија во тимот ќе биде и Дарко Соколов, кој полека, но сигурно влегува во ритам по подолгата пауза поради повреда на коленото, што и тоа како е добра вест за тренерот Лукајиќ. Надвор од стројот сѐ уште е само Марко Симоновски, кој се очекува наскоро да се врати во тренажниот процес.

Кошаркарите на МЗТ Скопје во средбата со Блокотехна влегуваат со желба за реванш за поразот на домашен терен во првиот дел од оваа фаза од домашниот шампионат, со што би ја презеле втората позиција на табелата во пресрет на возбудувањата од Суперлигата во која ќе се најдат шесте најдобри екипи.

Против себе имаме тим кој игра одлично сезонава и кој никако не смее да се потцени. Ќе дадеме сѐ од себе за да направиме ри-брејк и да му се реваншираме на противникот за поразот во Скопје, а со тоа и да фатиме приклучок со врвот од прволигашката табела“, вели тренерот Лукајиќ.

32-годишниот босански плејмејкер Нешовиќ веќе настапувал во нашата земја, бранејќи ги боите на Лирија и Кожув. Беше дел уште од Црвена Звезда, Загреб, Фуенлабрада, Унион Олимпија, Будуќност Подгорица…