Официјално: Ристовска од следната сезона ќе игра за Крим

Продолжува низата заминувања од македонскиот женски ракометен шампион на крајот од натпреварувачката сезона 2017/2018.

Нашето десно репрезентативно крило и воедно член на европскиот вицешампион Вардар од следната сезона ќе ги брани боите на словенечката екипа Крим.

За 21-годишната ракометарка ова ќе биде прво интернационално искуство, откако претходно професионалната кариера ја започна во редовите на ЖРК Металург.

Како што известуваат од редовите на Крим, таа две сезони ќе го носи дресот на екипата од Словенија. Освен Ристовска, според информациите во составот на Крим од наредната сезона ќе биде и десниот бек Барбара Лазовиќ која исто така моментно ги брани боите на Вардар.

Исто така, се најавува уште едно заминување од „црвено-црниот“ табор, имено левото руско крило Полина Кузнецова се поврзува со трансфер во Ростов-Дон.

Од претходно е познато дека од следната сезона Александра Лакрабер ќе игра за Флери, Амандин Лејно во Ѓер, додека триото Драгана Цвијиќ, Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ во ЧСМ Букурешт.