Официјално: Нико Ковач од следната сезона нов тренер на Баерн Минхен!

Нико Ковач ќе биде новиот тренер на Баерн Минхен од наредната натпреварувачка сезона 2018/2019.

Германскиот шампион и 46-годишниот хрватски стратег се согласија за три-годишна соработка (1. јули 2018/30. јуни 2021 год.)

Неговиот брат Роберт Ковач ќе му биде асистент, а да потсетиме моментно Нико го води составот на Ајнтрахт Франкфурт кој сезоната бележи одлични резултати и води битка за една од позициите кои водат во ЛШ.

Многу сме задоволни што ги обезбедивме услугите на Нико Ковач како нов тренер на Баерн“, рече спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.

Нико играше за Баерн, тој ги знае одговорните и самите структури на клубот. Убедени сме дека тој е вистинскиот тренер за иднината на клубот“.

Поранешниот хрватски репрезентативец и хрватски селектор имаше 34 натпревари како играч во Бундеслигата за Баерн од 2001 до 2003 година, постигнувајќи три гола.

Тој и неговиот брат Роберт го освоија Интерконтиненталниот куп во 2001 година и германското првенство во 2002 година со баварскиот гигант.

Сезонава Баерн на клупата го води 72-годишниот Јуп Хејнкес кој веќе ја освои Бундеслигата, а има шанса да се раздели со тимот со уште два нови трофеи.

Во Купот на Германија на 17. април ќе игра полуфинале против Баер Леверкузен (во второто полуфинале се среќаваат Шалке-Ајнтрахт Франкфурт).

Исто така, во полуфиналето од Лигата на шампионите после денешната ждрепка ќе ги одмери силите против Реал Мадрид (во второто полуфинале се среќаваат Ливерпул-Рома).