Лукајиќ си замина, Кочов е новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром

Искусниот стратег Жељко Лукајиќ повеќе не е тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска поради приватни причини реши да си замине по што беше направен спогодбен раскин на договорот.

Наследник на Србинот ќе биде неговиот досегашен прв помошник, Ѓорѓи Кочов (33 години), кој ја доби довербата од управата на клубот и тоа не само за до крајот на сегашното првенство, туку и за следната сезона.

Станува збор за поранешен селектор на македонската јуниорска репрезентација, кој кон крајот на минатата година дојде од таборот на Вардар, пренесува официјалниот веб сајт на нашиот кошаркарски шампион.

Зад себе веќе има прволигашко искуство и тоа на клупата на „црвено-црните“ во сезоната 2016/17. Неговото огнено крштевање како прв стратег на МЗТ Скопје Аеродром ќе се случи веќе утре и тоа на жешкото гостување кај Блокотехна (18:30 часот) во Гевгелија во рамките од Првата лига.

Лукајиќ во таборот на Аеродромци дојде лани во декември, како наследник на Александар Тодоров, по поразот од Работнички на домашен терен.

Оттогаш, искусниот српски стратег оствари скор 11-3 во домашното првенство, додека во АБА-лигата имаше учинок од 11 порази и една победа.

Ќе остане запишано дека последен пат четата од Аеродром ја водел во дуел со Куманово, пред три дена на домашен терен, во кој неговиот тим дојде до триумф откако се врати по негатива од 14 поени.

Србинот во ризницата трофеи го додаде и пехарот во Купот на Македонија освоен во феверуари на завршниот турнир во Кавадарци.

Управата на МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на сѐ што направи во изминативе месеци и му посакува успех во понатамошната кариера.