Канелјас две години ќе го носи дресот на Пик Сегед

Како што во изминатиот период се најавуваше, тоа и се потврди од страна на унгарскиот ракометен клуб…

Играчот на Вардар, шпанскиот бек Жоан Канелјас од наредната натпреварувачка сезона ќе ги брани боите на Пик Сегед.

Левиот бек на македонскиот и европски шампион кој ќе им се приклучи на своите нови тимски колеги следното лето, официјално потпиша две-годишен договор.

Со „црвено-црните“ успеа лани да ја освои титулата во Лигата на шампионите, а ќе се обиде за прв пат во историјата на натпреварувањето, истата да биде одбранета.

На патот до нов Ф4 турнир во Келн, во четвртфиналето стои германскиот Кил, а веќе в недела (22. април) во „Шпаркасен“ Арена ќе се игра првиот натпревар.

Канелјас кој со шпанската репрезентација беше европски (2018) и светски шампион (2013 год.), во клупската кариера играше уште за Гранољерс, Барселона, Атлетико Мадрид, Хамбург и Кил.

Да потсетиме, Вардар на крајот од сезоната ќе го напуштат уште Лука Циндриќ, Арпад Штербик, Илија Абутовиќ, Мијајло Марсениќ и Раул Гонзалез.

Исто така се шпекулира веќе извесно време дека и Хорхе Македа наскоро ќе ги брани боите на Пик Сегед и практично ќе му се придружи на Канелјас.