Еден од најталентираните македонски кошаркари потпиша за МЗТ Скопје Аеродром! (ФОТО)

Интенцијата да ангажира сѐ што е талентирано во македонската кошарка, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја потврдува и со денешното потпишување договор со 18-годишниот Лука Стојановски, актуелен јуниорски репрезентативец и еден од најпреспективните кошаркари во моментов во нашата држава.

Станува збор кошаркар кој потекнува од школата на Феникс 2010, а кој во сино-белиот табор доаѓа од Италија каде што настапуваше за тимот на Лидо ди Рома. Тој потпиша четиригодишен договор со шампионот на нашата земја, кој има големи очекувања од него во периодот кој следува.

Стојановски беше еден од најдобрите во составот на Македонија на ланското ЕП, дивизија Б во Талин (Естонија), каде што имаше повеќе од солиден просек со 12,5 поени, 3,1 скока и 2,8 асистенции.

Претходно, во 2015 и 2016 година беше дел од кадетската национална селекција на второлигашките континентални собири на кои имаше просек од 11 поени и 3,1 скока односно 11,4 поени, 3,9 скока и 4,4 асистенции.

Новиот член на „сино-белите“ ќе им се приклучи на врсниците Дамјан Миса, Андреј Настовски и нешто постариот Леонид Тодоровски, кои сезонава добиваат повеќе од солидна шанса во првиот тим на МЗТ Скопје, како и на плејадата таленти кои ја чекаат својата шанса настапувајќи за екипите од младинскиот погон на шесткратниот шампион.
Ваквата политика на кошаркарскиот клуб ќе продолжи и во иднина, односно ќе се прави напор салата „Јане Сандански“ да биде местото каде што ќе се собере сѐ што нуди потенцијал за напредок и квалитет.

-СРБИНОТ БОЈИЌ Е ПОСЛЕДНАТА „АКВИЗИЦИЈА“ СЕЗОНАВА ЗА МЗТ СКОПЈЕ-

Српскиот интернационалец Андрија Бојиќ (24 год, 207 см.) до крајот на сезоната ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска го заврши сите формалности и потпиша договор со актуелниот кошаркарски шампион на Македонија.

Последната аквизиција сезонава за аеродромци игра на позицијата силно крило и треба да ја пополни празнината во ростерот по заминувањето на сонародникот Ѓорѓе Марјановиќ. Бојиќ сезонава настапуваше за романскиот тим Политехника Јаши, кого го напушти поради голема финансиска криза која го зафати овој клуб.

Новиот член на шампионот кариерата ја почнал во екипата на Мега Визура, а досега во кариерата има настапувани и за ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун како и унгарски Јазберени и полскиот тим Полфарма. Во 2014 година беше избран за најкорисен (МВП) игра на првата фаза од Првата лига во Србија.

Дебито на Бојиќ во дресот на аеродромци се очекува уште на утрешниот меч против Куманово во „Јане Сандански“, со кој шампионот ќе ја почне одбраната на титулата.

Фото: mzt skopjeaerodrom.mk