ЖРК Вардар во Топ 10 најдобри екипи во ЛШ на сите времиња!

За само пет години играње во Лигата на шампионите Вардарки поставија нов клупски но и рекорд на Македонија – станаа најуспешна екипа во Лигата на шампионите.

Со завршувањето на натпреварите од главната фаза сезонава македонските женски ракометни шампионки влегоа во Топ-10 екипи на сите времиња во најквалитетното европско натпреварување.

Пред почетокот на сезоната Вардар беше на 13 место на листата, и пред него беше и Кометал ЃП кој имаше вкупно 47 победи остварено во своето претходно играње. При правењето на листата на најдобрите екипи предвид се земени само настапите во ЛШ, но не и оние во квалификациите.

Одиграа вкупно 12 натпревари сезонава во ЛШ, остварија 11 победи и само еден пораз. Така, стигнаа до вкупно 74 одиграни натпревари во ЛШ, од кои на 52 остварија победа, шест нерешени средби а на 16 беа поразени.

Имаат освоено вкупно 110 бода досега во ЛШ, и процент на успешност од над 70 отсто. Им остануваат уште најмалку две, а најмногу четири натпревари до крајот на сезонава и можат само да го подобрат процентот на успешност.

Во Топ-10 најдобри екипи во ЛШ на сите времиња се: Ѓер, Будуќност, Хипо, Ларвик, Крим, Виборг, ФТЦ, Влчеа, Вардар, Астро Сагунто и Подравка.

Сезонава Вардар во главната фаза исто така има резултати како ниту една друга екипа:
– најдобар напад – постигнати 301 гол
– најдобра гол разлика – плус 56 гола
– најмногу победи – 9 (вкупно 13 во сезоната)
– најмалку порази – 1
– најдобар просек на постигнати голови – 30,1 по натпревар
– најмногу освоени бодови – 18

Нов клупски рекорд е:
– најдолга серија победи – 9
– најмногу освоени бодови после главната фаза – 18
– најдобра гол разлика – плус 56

Следните европски предизвици за Вардар се настапот во четврт-финалето на ЛШ оваа сезона, противник е данскиот состав Митјиланд. Првиот меч „црвено-црните“ предводени од тренерот Дибирова ќе го играат на гостински терен во периодот од 6 до 8 април, а реваншот е во периодот од 13 до 15 април во Скопје. Победникот ќе се пласира на Ф4 турнирот во Будимпешта.