ВРХЛ регионална лига: Вардарки уште еднаш подобри од Будуќност во Подгорица!

Подгорица (Црна Гора) е домаќин на последниот турнир од ВРХЛ Регионалната женска ракометна лига…

Македонскиот шампион Вардар кој веќе ја освои титулата оваа сезона, во првиот натпревар денеска минимално триумфираше над Будуќност со резултат 27:26.

„Црвено-црните“ успеаја на почетокот да поведат со 1:0, а потоа постојано имаа водство на овој дуел. Противникот доаѓаше до израмнување во текот на мечот, но не можеше и да направи пресврт, бидејќи избраничките на тренерот Ирина Дибирова повторно се одлепуваа.

Играта гол за гол траеше постојано во првиот дел, нашиот тим поведуваше, а Будуќност брзо носеше егал. Вардарки на одмор заминаа со позитива (14:13).

Во вториот дел, Вардар успеа првпат да поведе со два гола на стартот, но подоцнa Црногорките се вратија во игра и израмнија на 18:18, а потоа дојде конечно до мал притисок во нападот од Вардар.

Заигра Вардар поангажирано, имаше повеќе од играта, Барбара Лазовиќ донесе погодок со кој првпат стигнаа до плус четири, 24:20. Домаќинот до крајот ја намали својата негатива, а на крајот конечниот епилог беше 27:26.

Најефикасни во македонскиот тим беа Андреа Пенезиќ со седум голови, следена од Андреа Лекиќ со шест и Барбара Лазовиќ (пет).

На спротивната страна за Будуќност прв стрелец беше Милена Раичевиќ со 11 погодоци, четири помалку запиша Ѓурѓина Јауковиќ.

Во следниот воедно и последен меч за сезонава, утре (среда, 25. април) Вардарки ќе играат против словенечката екипа на Крим од 17:00 часот. На крајот од турнирот Вардар ќе им бидат доделени медалите и шампионскиот пехар.