Вардарки во Подгорица ќе ги добијат медалите од регионалната ВРХЛ лига

Вардар веќе ја одбрани титулата во регионалната женска ракометна ВРХЛ лига, а во вторник и среда во Подгорица се игра последниот турнир.

Таму македонските ракометни шампионки ќе ги добијат и медалите за освоеното прво место. Вардарки имаат само едно реми сезонава во регионалната лига и седум победи. Го имаат најдобриот напад со 220 постигнати голови.

Сезонава се одиграа пет турнири наместо ланските четири, а само хрватската екипа на Подравка го откажа играњето. По осум одиграни натпревари Вардар е прв на табелата со 15 бода, пред Будуќност со 8 и Крим со 4 бодови.

Во вторник, 24 април „црвено-црните“ ќе играат со црногорскиот Будуќност во 19 часот во СЦ Верде, а следниот ден, 25 април во среда со словенечкиот Крим во 17 часот.