Вардарки го имаа првиот собир во 2018 година (ФОТО)

Европскиот вицешампион стартуваше со подготовките за пролетниот дел од сезоната.

Целата екипа се собра на првиот тренинг во 2018 година, а по завршувањето на репрезентативните обврски на дел од ракометарките сега сите погледи се насочени кон остварување на клупските планови.

„Црвено-црните” месецов ќе имаат три натпревари, два во регионалната ВРХЛ лига и еден од главната фаза од Лигата на шампионите.

Тренерот на Вардар, Ирина Дибирова очекува од играчите уште подобра игра во вториот дел од сезоната во ЛШ:

Во првиот дел од сезоната победивме на сите натпревари, но никако не можам да бидам задоволна од покажаното, зашто имавме некои грешки кои во следниов период мора да ги поправиме. Мислам дека можеме и подобро да играме.

Младите ракометарки, пак, би сакала во идниот период да добијат поголеми шанси, но имаме многу тешка група во Лигата на шампионите и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во екипата имаме многу квалитетни и искусни играчи и девојки на кои им е потребно повеќе да играат, а немаме доволно натпревари кои ќе бидат добри за нив.

Ќе се обидеме да ги усогласиме потребите, сега следат натпреварите од регионалната лига, каде очекувам тие повеќе да играат и потоа да помогнат и во натпреварите од главната фаза од Лигата на шампионите“, вели тренерот на Вардар Ирина Дибирова и дополнува дека првите натпревари од регионалната лига ќе се искористат за воигрување:

Мислам дека и Будуќност и Крим нема да играат во ВРХЛ лигата со полна сила, но секој натпревар мора да се победи. Ни претстои да работиме на физичка подготвеност, како и индивидуална подготвеност на играчите, следи многу тимска работа, ќе се обрати внимание и на тактика, и особено на физичката кондиција, зашто и првиот натпревар од Лигата на шампионите е против Мец, чии играчи се многу физички силни“.

Фото: zrkvardar.mk