Вардарци со триумф во Загреб го потврдија првото место во СЕХА лигата! (ВИДЕО)

Одбраната на титулата во СЕХА Газпром лигата Вардар ќе ја почне од првото место на Ф4 турнирот.

По триумфот во 15. коло на гостински терен во Хрватска кај ППД Загреб 25:24 (11:13) македонскиот шампион и теоретски го обезбеди првото место. Тоа значи дека негов противник во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе биде четвртопласираниот тим од регуларниот дел од сезоната.

Сега му остануваат уште три натпревари за играње во СЕХА лигата, два на гостински терен, на 6. и 8. март 2018 год. кај српските екипи на Динамо Панчево и Војводина, и на 13 март на домашен терен со хрватскиот состав Нексе. Местото на играње на финалниот турнир во СЕХА лигата дополнително ќе биде одреден.

Јунак на средбата беше голманот Страхиња Милиќ кој имаше 13 успешни одбрани, и онаа најважната во последната секунда бранејќи упатена топка од ППД Загреб во последниот напад.

Долго Вардарци се мачеа на оваа средба, имаа само еден ден одмор по напорниот дуел од Лигата на шампионите против Нант, и сега во дербито во СЕХА имаа обврска да покажат дека формата им оди по нагорна линија.

Откако во 37. минута Кањелас првпат го израмни резултатот веќе се навестуваше дека од Загреб ќе се вратат „црвено-црните“ со бодови. Потоа девет минути се играше „гол за гол” кога Вуко Борозан донесе водство од 19:18.

Неизвесноста можеше да се прекин на две минути до крај, но ударот на Криштопанс кој можеше да донесе водство од два гола го одбрани домашниот голман. Игор Карачиќ на 14. секунди до крај погоди за водство, но и доби незгоден и силен удар во стомакот, па мораше да добие и лекарска помош. Потоа, на сцена стапи Милиќ на голот кој одбрани, а потоа доби бројни прегратки од своите играчи за одличната игра.

Натпреварот не тргна како што посакуваа избраниците на тренерот Раул Гонзалез, бидејќи домашните брзо направија водство од 3-0 и 5-1. Се мачеа Вардарци да реализираат, а и одбраната немаше решение на противничкиот напад. Во самата завршница израмнија на 11:11, а потоа примија два гола и со предност 13:11 за ППД Загреб се замина на одмор.

Поважно од сѐ е дека формата се подобрува, самодовербата останува на високо ниво пред неделниот меч против Висла во ЛШ каде што им треба најмалку реми за да го освојат првото место во групата и да се пласираат директно во четврт-финалето на ЛШ.

СЕХА Газпром лига (сезона 2017/2018)

Резултати:

Мешков Брест-Војводина 32:27
Горење Велење-Металург 37:25
ППД Загреб-Вардар 24:25

Табела:

1.Вардар 43 бодови
2.ППД Загреб 31
3.Мешков Брест 31
4.Целје Пивоварна Лашко 26
5.Горење Велење 24
6.Татран Прешов 17
7.Металург 16
8.Нексе 8
9.Динамо Панчево 8
10.Војводина 6