Вардар ја одбрани титулата во регионалната ВРХЛ лига

Ракометарките на Вардар ја одбранија титулата во регионалната ВРХЛ лига откако на три меча пред крај на натпреварувањето го победија Крим од Словенија со 32-31 (13-16).

Ова беше прв натпревар од третиот турнир во регионалното натпреварување, а за „црвено-црните” останува уште еден натпревар во четврток, против црногорскиот тим на Будуќност.

Без оглед на исходот од тој меч и оние два од последниот турнир македонскиот женски ракометен клуб е единствен без пораз по седум одиграни натпревари и има недостижна предност во однос на ривалите.

Му одговараше и реми на овој дуел за да ја одбрани титулата. Утре (28. март) во СЦ „Јане Сандански” – Скопје ќе се игра натпреварот меѓу Будуќност и Крим од 11 часот.

Победничкиот гол за Вардар го постигна Андреа Пенезиќ во последните десет секунди од натпреварот со што нашиот тим поведе со 32-31.

Гостите имаа неколку секунди за брз центар, но Драгана Цвијиќ уште на својата половина од теренот го блокираше тој удар оневозможувајќи му на ривалот барем да стигне до реми.

Во текот на најголемиот дел од средбата гостинките од Љубљана имаа водство, понекогаш и 3-4 гола, но тоа не ги обесхрабри избраничките на тренерот Дибирова да продолжат со темпото што го наметнаа и полека да ја чекаат шансата.

И така беше се до 49 минута кога повторно дојдоа до негатива од еден гол, 25-26. Тоа беше знак дека се подготвени да ја преземат иницијативата и направат резултатски пресврт.

Во 55 минута Радичевиќ израмнува од контра, а првото водство го имаат во 58. минута преку Цвијиќ. Гостинските повторно израмнуваат преку Бенко во контра, а во последните секунди Пенезиќ погодува за победа, 32-31.

Вардар – Крим 32-31 (13-16)
ВАРДАР: Радичевиќ 3, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 4, Лејно, Бајрамовска, Лазовиќ 2, Пенензиќ 8, Чанаџија 1, Суслина, Лакрабер 4, Хмирова, Цвијиќ 5, Лекиќ 5, Петровиќ, Ристовска.

Фото: zrkvardar.mk/Денис Дуковски