Вардар ја одбрани шампионската титула во СЕХА лигата!

Нема граници за Вардар ниту пречки што не може да ги мине…

Новиот клупски рекорд е четвртата титула во регионалната СЕХА Газпром лига. „Црвено-црните” во финалето на 7. Ф4 турнир го победија ППД Загреб со 26-24 (14-13) и така станаа првиот тим со четири СЕХА титули.

Македонскиот шампион е единствен што играл во шест од седумте финални натпревари во регионалното натпреварувае. Втор тим што ја одбранил титулата и втор тим што пред домашна публика ја освојува титулата. Сезоната ја заврши без пораз со само едно реми што никому досега не му успеало.

Конечно ја разби и лошата традиција со ППД Загреб. Со хрватскиот тим постојано се се среќавале на Ф4 турнирите и секогаш кога играле за пласман, во финале или во меч за бронза Вардарци на крајот останувале поразени. Сега „црвено-црните“ беа домаќини на Ф4 турнирот во СЦ „Јане Сандански“ каде што владееше одлична атмосфера, фаворити, па иако имаа и дополнителен притисок на плеќите успеаја да се справат се сиот предизвик, да направат нов клупски рекорд, да постават нови граници што некој во иднина ќе треба да ги надмине.

Вардар тргна силно и решително уште од самиот почеток, а со по двата гола на Криштопанс и на Циндриќ, а потоа и Борозан „црвено-црните” поведоа со 5-2. Изгледаше како Вардар да нема да има проблеми на натпреварот и конечно ќе го разбие малерот од мечевите за пласман на Ф4 турнирите. Досега на сите полуфинални средби победуваше Вардар, а во финале и меч за бронза подобри биле загребчани.

И така изгледаше во најголем дел од првото полувреме. Вардар ја наметна својата игра, а требаше само уште малку подобро да ги збие своите одбранбени редови. Домагој Павловиќ лесно наоѓаше простор да влезе на шест метри, па иако Арпад Штербик имаше четири одбрани сепак требаше поагресивно да се одбрани регионалниот првак.

Загребчани немаа притисок врз себе бидејќи тие беа аутсајдери и токму поради тоа играа и полесно. Имаа Вардарци предност и од 3-4 голови постојано како најава за можеби лесна завршница. Во последните минути од првото полувреме ППД Загреб полека ја топеше предноста користејќи ја секоја грешка на Вардар, па замина на одмор со предност од 14-13.

Имаа избраниците на тренерот Раул Гонзалез и период во кој му дозволија на ривалот дури и да израмни, но никако да се понадева дека може да ги расипе сметките на домаќините и планираната прослава со навивачите. И кога беше најпотребно, пак заиграа Вардарци одлично и „избегаа” на 25-20 со беше знак дека може да почне прославата, барем на трибините.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Криштопанс и Циндриќ со по пет голови, голманот Штербик придонесе со осум одбрани, а на спротивната страна за ППД Загреб Хорват осум пати се запиша во листата на стрелците.

ФИНАЛЕ, Ф4 турнир (СЦ „Јане Сандански“ – Скопје)

Вардар-ППД Загреб 26:24 (14:13)

Вардар: Штербик (8 одб.), Стоилов, Криштопанс 5, Милиќ, Мораеш Фереира 2, Македа 1, Карачиќ 1, Абутовиќ, Канелјас 1, Циндриќ 5, Чупиќ 3, Дибиров 3, Шишкарев 1, Борозан 3, Војводиќ, Марсениќ 1.

ППД Загреб: Мраковчиќ 2, Божиќ Павлетиќ, Контрец 1, Вори 2, Јовиќ, Марковиќ, Хорват 8, Шушња, Ј. Валчиќ 2, Медиќ, Т. Валчиќ, Равниќ 3, Бичаниќ 3, Павловиќ 3, Векиќ, Кастелич (3 одб.)

Сезона 2017/2018
СЕХА Газпром лига

Конечен пласман:

1.Вардар (Македонија)
2.ППД Загреб (Хрватска)
3.Целје Пивоварна Лашко (Словенија)
4.Мешков Брест (Белорусија)

Фото: seha-liga.com