Вардар игра, Вардар победува: Падна и Загреб за „3 од 3“ во ЛШ!

Во третиот натпревар сезонава од машката ракометна Лига на шампионите, македонскиот и европски шампион Вардар вечерва во СЦ „Јане Сандански“ триумфираше и против хрватската екипа на ППД Загреб со конечен резултат 28:21.

Добар старт имаше хрватскиот состав поведувајќи со 0:2 преку головите на поранешниот Вардарец Марковиќ и десното крило Хорват. Не помина долго време, Гонзалез веќе во четвртата минута го побара првиот тајмаут по погодокот на Мандалиниќ.

Конечно во своја соло акција првиот гол на европскиот шампион преку Чупиќ за радост на трибините кои не беа исполнети до последно место. Полека се топеше негативата, Чупиќ дојде и до вториот гол од пена во осмата минута за 3:4.

Иако Абутовиќ доби исклучување, тоа не се почувствува на теренот, па Борозан го испрати првиот „проектил“ за израмнување. Од друга страна ниту Вардарци немаа решение кога беа со играч повеќе после двете минути кои ги доби Хорват.

За среќа искусниот шпански бек Канелјас се погрижи за првото водство на домаќините во 14. минута (5:4), а откако гостите имаа уште една техничка грешка, Дибиров од контра казни за плус два на семафорот.

Засега се немаше решение за расположениот Мандалиниќ, но барем се одржуваше разликата од 2-3 голови, Дибиров имаше шанса за плус три, но не реализираше од крилната позиција, па остана 9:7 во 23. минута од првото полувреме. Многу брзо Дибиров доби исклучување поради прекршок врз поранешниот плејмејер на Металург, Мраковчиќ,

Тоа го искористија избраниците на тренерот Каменица со голот на Хрстиќ, но веднаш возврати пивотот Стоилов со првенецот, а Штербик ја забележа и шестата одбрана.

Дури после 10. минути од второто полувреме Загрепчани го постигнаа првиот гол, а во меѓувреме се зголеми позитивата на плус шест, се зацврсти одбраната, Стоилов дојде до вториот гол за 17:11.

Рутински и искусно се одржуваше предноста која во 49. минута стана и плус седум, откако Циндриќ го реализираше првиот гол на средбата. Во последните шест минути од дуелот шанса доби вториот голман на Вардар, Ѓорѓески кој е замена за повредениот Милиќ, а излезе и Циндриќ на чие место влезе Војводиќ. Се беше веќе решено, спласна ритамот на ППД Загреб во чии редови единствена светла точка беше Мандалиниќ кој имаше девет голови, а точка на мечот стави нововлезениот Недановски за 27:20 за потврда на новите бодови.

Во следното четврто коло од групата А „црвено-црните“ ќе гостуваат во Унгарија кај Пик Сегед на 7. октомви 2017 год. со почеток од 17:30 часот.

Лига на шампиони, 3. коло

Вардар-ППД Загреб 28:21 (13:10)

Вардар: Штербик (10 одб.), Ѓорѓески (1 одб.), Абутовиќ, Борозан 4, Канелјас 3, Циндриќ 3, Чупиќ 3, Дибиров 2, Фереира Мораеш, Криштопанс 2, Македа 4, Марсениќ 1, Недановски 1, Шишкарев 1, Стоилов 2, Војводиќ 2.