Вардар доминира и во СЕХА лигата, уште еднаш совладан ППД Загреб!

Вардар ја продолжува победничката низа сезонава со петтиот триумф по ред во СЕХА Газпром лигата, 30:23 (17:10) против ППД Загреб.

Ова е втор триумф за избраниците на тренерот Раул Гонзалез против хрватскиот шампионот за две седмици, откако на почетокот на месецов го совладаа истиот ривал со 28:21, но во Лигата на шампионите.

Со овој триумф Вардар останува на лидерското место во СЕХА Газпром лигата со максимални 15 бодови на пет натпревари. Во новата сезона Вардар има серија од 11 натпревари без пораз, од што пет се во СЕХА лигата, и исто толку во ЛШ, и плус една победа во домашниот Супер Куп.

Сезонава со ППД Загреб македонскиот ракометен клуб треба да игра најмалку четирипати, а досега две средби ги заврши во своја корист.

На Вардар му требаа само шест минути, и тоа пред крајот на првото полувреме да направи разлика од седум голови, 17-10 и на паузата за одмор да замине со солидна предност.

Во тимот на Вардар најефикасни беа Тимур Дибиров и Игор Карачиќ со по шест гола, пет постигнаа Вуко Борозан, а а четири даде Мијајло Марсениќ.

Страхиња Милиќ одбрани 17 и два пенали, а Даниел Ѓорѓески одбрани две топки и двапати беше подобар од седмерец. На 21 октомври Вардар гостува кај Целје Пивоварна Лашко во Словенија.

Вардар: Милиќ (17 одб., 2 сед.), Ѓорѓески (2 одбрани, 2 сед.), Штербик, Недановски 1, Поповски, Криштопанс, Македа 2, Карачиќ 6, Абутовиќ, Канелјас 2, Циндриќ, Чупиќ 3, Дибиров 6, Борозан 5, Војводиќ 1, Марсениќ 4.

Фото: rkvardar.mk