В сабота продолжува ЛШ, Радичевиќ: Против Мец одбраната ќе биде клучна!

Вардар в сабота во 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански” – Скопје продолжува со натпреварите од Лигата на шампионите.

На распоредот е меч од главната фаза против екипата на Мец од Франција, која изминатите години се покажа како солиден противник и голем предизвик за македонскиот женски ракометен клуб.

В сабота, според тренерот на Вардар, Ирина Дибирова очекува еден тежок натпревар, но нејзините ракометарки имаат силна мотивација да играат за победа.

Првиот натпревар ни е со Мец, кој е исто така фаворит за Ф4. Тие се многу добри, имаат многу добри играчи, во својот состав имаат и играчи што го освоија светското првенство. За нас ќе биде многу тежок натпревар, затоа што минатата сезона изгубивме таму.

Но, сите наши играчи се во добра кондиција, имавме многу време за подготовка, и за анализа на противникот. Очекуваме поддршка од нашите навивачи и ќе дадеме сѐ од себе да победиме“, изјави Дибирова.

Желба на капитенот на екипата, десното црногорско крило Јованка Радичевиќ е Мец в сабота да почувствува како е да се игра пред полни трибини во Скопје.

После малку подолга пауза почнуваме со Главната фаза од лигата на шампионите, а целта е јасна, сакаме секој натпревар да го победиме. На почеток ни доаѓа екипа која на секоја позиција има по два одлични играчи, играчи кои освоија светско првенство. Но, подготвени сме. Го гледавме Мец и не ни недостига мотивација да направиме исчекор повеќе од лани.

Верувам во својата екипа и дека клучот лежи во добра одбрана, и сигурна сум дека и нашите голмани Амандин Лејно и Ина Суслина ќе бидат одлични како и секогаш. Сигурна сум дека срцето ќе го оставиме на терен, пред сѐ во одбрана. Против нив е важно да имаме малку технички грешки, зашто се екипа која играат во сите можни зони. Верувам дека ќе ги освоиме двата бода и ќе си го олесниме четврт финалето.

Посакувам во сабота да се повтори атмосферата каква што беше против Турингер и да почувствува Мец како е да се игра пред полни трибини. Ги повикувам навивачите да дојдат, да нѐ бодрат, зашто со нив е многу полесно да се стигне до победата“, вели Радичевиќ.

Претседателот на клубот, Гордана Нацева очекува тимот да продолжи да игра како што играше во првата фаза – убедливо, сериозно и дисциплинирано.

Да не заборавиме дека екипата е од земјата која е актуелен светски шампион, Франција и дека за нив е дополнителна мотивација да се покажат. Тоа е предизвик и за нас, а и за публиката да дојдат и да видат врвен ракомет.

Мец играат извонредна одбрана и се тим со најмалку примени голови во нашата група. Верувам дека девојките ќе најдат соодветно решение за во сабота“, вели Нацева.

Вардар е единствена екипа од нејзината група што во првата фаза победи на сите натпревари. Во главната фаза во лигата, покрај Мец, ги очекуваат Будуќност и германскиот Битигхајм.

Фото: zrkvardar.mk