Тешка, но важна победа: Нант беше „тврд орев“ за Вардар!

Денеска македонскиот и европски шампион го одигра и вториот натпревар од групата А во ракометната машка Лига на шампионите.

„Црвено-црните“ после стартниот триумф во Полска, вечерва во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, славеа против Нант со 27:23.

После неколку нереализирани напади на нашиот клуб, Нјокас со една индивидуална акција во четвртата минута носи прво водство за Французите. Веднаш во следниот напад Стоилов изнуди седмерец кој беше искористен од Чупиќ за израмнување на 1:1.

Вардарци повторно двапати израмнија преку првите погодоци на Борозан и Мораеш, гостите имаа шанса и за четврта позитива, но Штербик овојпат дојде до третата одбрана, тоа беше шанса за прва позитива на домаќините, но Дибиров од чист зицер го промаши голот на Думулин. За среќа се поправи во следниот напад со убава „шрауба“ за 4:3, во прилог одеа и неколкуте шутеви на противнит во диреците.

После неколку тешки дуели со одбраната на Нант, конечно и летонскиот „џин“ дојде до првенецот за првпат плус два во 15. минута (5:3). Ривалите продолжија со силниот отпор, не одлепувајќи се повеќе од минус еден, Буриќ се погрижи за само 6:5, а истиот играч успеа и да донесе нов егал на оваа неизвесна средба до тие моменти во одличната атмосфера на трибините.

Следуваше кризен период во нападите на Вардар, после грешката на Циндриќ, во контра казни Гурбиндо за 6:7 и прв тајм-аут на Гонзалез. Се консолидираа редовите на „црвено-црните“ со ва гола во серија преку пивотот Мораеш и крилото Дибиров, но веднаш врати најрасположениот на спротивната страна Нјокас со третиот гол во 23. минута за 8:8.

Се одеше главно преку Мораеш кој беше прв стрелец и врза неколку погодоци за 10:8 за овојпат Нант да побара минута одмор. До крајот на мечот падна ритамот на Нант поради одличната агресивна одбрана на Вардар, тоа резултатираше со неколку голови во низа за 14:10 по првото полувреме.

Се одржуваше предноста од 4 голови разлика, истата стана и пет во 39. минута од контра реализирана преку Дибиров за ерупција и голема радост на трибините и многу добри 19:14.

Следуваа три голови во серија на Нант за само плус два на семафорот, одбраната потфрли целосно во првите 10. минути од второто полувреме, за кратко време два тајм-аути, многу брзо беше стопена позитивата (19:18), во 42. минута од средбата.

Повторно стабилизација во играта на македонскиот првак, одбраната повторно проработи, на 13. минути до крајот на средбата беше 23:20, а во тие моменти блескаше и Штербик кога е најпотребно доаѓајќи до 11. одбрана.

Повторно неизвесноста на мечот доминираше, во 53. минута беше само 24:23, Гурбиндо искусно од позицијата десен бек, а Стоилов за прв пат ја затресе мрежата за враќање на надежите дека можат да се освојат важните бодови.

„Бомбата“ на Борозан ја крена уште повеќе атмосферата на две минути до крајот на мечот (26:23), беше одбранет следниот напад на Нант и полека се славеше втората победа во ЛШ, а точка на мечот стави Дибиров со својот четврти гол.

Третата рунда избраниците на тренерот Раул Гонзалез ќе ја имаат повторно дома овојпат на 1. октомври против хрватскиот тим на ППД Загреб од 17:00 часот.

Лига на шампиони, 2. коло

Вардар-Нант 27:23 (14:10)

Вардар: Штербик (11 одб., 2 сед.), Ѓорѓески, Абутовиќ, Борозан 3, Канелјас 2, Циндриќ 2, Чупиќ 4, Дибиров 4, Фереира Мораеш 6, Криштопанс 5, Македа, Марсениќ, Поповски, Шишкарев, Стоилов 1, Војводиќ.