Штербик пред утрешното СЕХА финале: Фаворити сме против Загреб, но тоа треба да го докажеме на теренот!

Вчера беа полуфиналните натпревари, денеска се паузира пред утрешните последни мечеви на Фајнл-фор турнирот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје…

Да потсетиме, на вчерашните битки во СЕХА Газпром лигата, бранителот на титулата Вардар со 33:24 го совлада Мешков Брест, додека ППД Загреб со 29:28 беше подобар Целје Пивоварна Лашко.

Па така, в недела (15. април) од 17:45 ч. за третото место ќе играат Мешков и Целје, додека за трофејот ќе се борат Вардар и Загреб (20:15 ч.).

Голманот на Вардар, Арпад Штербик со 19. одбрани против белоруската екипа беше еден од најзаслужните што Вардар го обезбеди своето шесто регионално финале:

Чувствувам дека Загреб може да има шанса за титулата, ако ние не играме најдобро што можеме. Затоа мораме да го искористиме денешниот ден да го анализираме противникот на најдобар можен начин со цел да бидеме подготвени за она што ќе се обидат ривалите да го направат в недела.

Домагој Павловиќ им донесе сосема нова димензија во играта, тие се посилни кога тој е на теренот и дефинитивно ќе мора дополнително да се фокусираме на него, бидејќи тој може да биде навистина опасен. Очигледно сме фаворити пред нашите фанови, но ќе мораме тоа да го докажеме на теренот“.

Ракометарот на ППД Загреб, Игор Вори:

Ова е одлична шанса за нас да видиме колку добро можеме да играме против актуелните европски шампиони пред нивните навивачи.

Ние не чувствуваме никаков притисок, но сигурно ќе се обидеме целосно да бидеме фокусирани на натпреварот, да го одиграме нашиот најдобар ракомет и крајниот резултат ќе покаже дали тоа било доволно“.

Фото: seha-liga.com