СЕХА: Вардарци во Словенија по продолжување на добрата серија!

Следен предизвик за македонскиот и европски шампион е во СЕХА Газпром лигата, „црвено-црните“ ќе гостуваат во Словенија кај екипата на Целје.

По тој меч следува мала пауза поради ЕХФ неделата резервирана за репрезентативните активности. Избраниците на тренерот Раул Гонзалес патуваат во Целје со добра серија од 11 натпревари во сите натпреварувања во новата сезона во кои освојуваат бодови, и како лидери на табелата во СЕХА со пет победи по ред.

Вардар ја има најдобрата одбрана во ЛШ после пет одиграни натпревари (само 116 примени голови), а истото е и во СЕХА (116 голови) на пет натпревари. Нивни најдобар стрелец во СЕХА лигата е Вуко Борозан со 21 гол, Тимур Дибиров има постигнато 19, а Карачиќ 17.

Ова ќе биде втора сезона во која во СЕХА Газпром лигата ќе игра против Целје. Лани исто така прво играше во Словенија, но во 5 коло и триумфираше убедливо со 40:29, а на реваншот во Скопје беше 33:31. Словенците лани стигнаа до Ф4 турнирот, а Вардарци по третпат го освоија големиот пехар од ова регионално натпреварување.

Целје пред три дена гостуваше кај Динамо Панчево и Словенците триумфираа со 36:27. По пет одиграни натпревари во СЕХА Газпром лигата Целје е на петтото место со 10 бода и три победи. Загубија дома од Мешков во второто коло на почетокот на септември (24:29) и ремизираа во гости кај ППД Загреб (25:25). Победија на дуелите со Горење, Татран и Динамо Панчево.

Сезонава во Целје дојдоа шест нови ракометари, и плус уште двајца беа прекомандувани од младинскиот состав. Најпознат е Игор Анич од Саран, Франција, а на позајмица од Кјелце се: Бранко Вујовиќ и Дани Душебаев. Лука Митровиќ дојде од Горење, Алјаж Пањтар од Лока, а Јан Јуречич од Крка. Седуммина заминаа од Целје, меѓу кои и Блаж Јанц, Миха Зарабец, Вид Потеко, Лука Звижеј.

Променливо игра Целје и во Лигата на шампионите, во Б групата по пет одиграни кола Словенците имаат само еден триумф, оној над Кјелце во третото коло, а сега викендов на домашен терен ремизираа со белорускиот Мешков. Имаат една победа и едно реми и се на делба на шестото место заедно со Кил со по три бода, еден повеќе од последнопласираниот Олборг.

Раул Гонзалес – тренер на Вардар:

Нѐ очекува многу брз натпревар. Целје игра така секогаш кога е домаќин. Го гледавме сега нивниот мечот со Кјелце. Имаат и млади и поискусни играчи. Одбраната е интензивна со голем притисок. Очекувам тежок меч. Треба да се биде подготвен за сѐ, никогаш не знаеш како тие ќе играат. Може и да имаат нови комбинации. Треба да играме како и досега, сконцентрирани на она што не очекува“.

Мијајло Mарсениќ – играч на Вардар

Нѐ очекува тежок меч после доста трошење на дуелот со Барселона, па потоа дојде и Загреб, и тука требаше да се потрудиме на почетокот. Така ќе биде и во Словенија, имаме мали проблеми со повредите. Ние сме европски прваци и треба така да се однесуваме, да сме мотивирани. Тие играат добро, играат со многу трчање, брзи напади и се надевам ќе го сопреме Млакар нивнио тнајдобар играч и дека ќе славиме во Словенија“.

Натпреварот меѓу Целје и Вардар е закажан за в сабота во 17:45 часот.