СЕХА: Рутинска победа на Вардар против Динамо Панчево! (ВИДЕО)

Вардар веќе го имаше потврдено првото место во СЕХА Газпром лигата, но и на гостувањето кај Динамо Панчево беше фаворит, и тоа го потврди со триумф од 27-23 (13-9).

За македонскиот шампион во Србија ова беше 15. победа сезонава во регионалното натпреварување. Во Панчево заминаа „црвено-црните“ без тројца првотимци, Стоилов, Чупиќ и Дибиров, но тоа не се забележи во играта, постојано беа во водство и рутински победија.

Од сите играчи што заминаа за Србија само Арпад Штербик не влезе во игра, а сите други беа на теренот. Од играчите само дефанзивецот Илија Абутовиќ не постигна гол, а сите подеднакво ја искористија шансата што ја добија од тренерот раул Гонзалес. Играа со две постави, секоја по 30 минути, подеднакво успешно и ефикасно.

Уште по 16 минути играње имаа Вардарци предност од пет голови (9-4) како најава за ефикасен и успешен натпревар. Кањељас, Македа, Карачиќ беа бековите што беа во првиот тим.

Играа онолку колку што беше потребно, разликата во квалитет беше очигледа, немаше неизвесност, а покажаа дека и со ваков состав може да играат добро и ефикасно. И на полувреме имаа предност од четири голови, 13-9.

Потоа, стратегот направи измени и се зголеми и предноста во негова корист, па дојде и до осум голови. Головите рамноправно беа распоредени на повеќе ракометари, а противникот не знаеше од кого повеќе да се чува, сите беа расположени за настап.

Мартин Поповски постигна 6 гола, Криштопанс 5, а Македа 4. По три постигнаа Шишкарев, а два Циндриќ, Војводиќ и Борозан.

До крајот на регуларниот дел од сезоната во СЕХА Вардар има да одигра уште два натпревари против Нексе дома (13. март) и на гости кај Војводина (10. март 2018 год.).

На табелата води со 46 бодови, пред ППД Загреб и Мешков Брест кои имаат по 31, а четвртопласиран е Целје Пивоварна Лашко (29).