СЕХА: Металург не го положи словенечкиот тест пред дербито со Вардар! (ВИДЕО)

Во својот деветти натпревар од СЕХА Газпром лигата, екипата на Металург загуби на гостувањето денеска во Словенија од Целје со 34:25.

Словенците направија серија уште од самиот почеток поведувајќи со 4:0 на „крилјата“ на Маргуч, а првиот гол тимот од „Автокоманда“ го имаше дури во седмата минута преку пикерот Петров.

Во понатамошниот дел се „топеше“ предноста на домаќините благодарение на Јагањац кој започна да ги постигнува првите погодоци на средбата, во 15. минута беше само еден плус за противникот (7:6).

Повторно се одлепија ривалите, најрасположен за головите во нивните редови беше Кодрин кој скоро имаше 100% учинок на средбата од 10 погодоци (10/11).

После првото полувреме на семафорот стоеше 15:12 после вториот погодок на Кузмановски. „Сино-белите“ на стартот од вториот дел наметнаа силен ритам, тоа резултираше со израмнување во 35. минута кога стрелаше 16:16 преку Јагањац.

И наместо да се одржува рамноправната битка на паркетот, нов пад на концетнтрацијата кај играчите на Јовиќ, дополнителен проблем беше и голманот на домаќините, Лесјак кој на овој дуел забележа 19 одбрани.

При 16:16 се до 48. минута македонскиот вицешампион реализираше само три, а прими дури девет што беше и клучен период за крајниот епилог.

Полека паѓаше играта на нашиот претставник чија негатива стана и многу висока, Словенците дојде и до преубедлива победа од +9.

За Металург осум голови имаше Јагањац, еден помалку Пешевски, додека голманот Томовски забележа осум одбрани.

Металург: Томовски (8 одбрани), Арсиќ, Петров 4/4, Јагањац 8/13, Токиќ 2/2, Танкоски 1/4, Серафимов 1/5, Кузмановски 2/5, Анѓелиќ 0/5, Велковски 0/1, Пешевски 7/8, Гуглета, Димитриевски 0/2, Лазаревски 0/3.

На табелата Металург е на седмото место после шестиот пораз со девет бодови, додека Целје е на третото со 17 после петтата победа (втора по ред).

На 9. декември е македонското дерби во регионалното натпреварување помеѓу водечкиот Вардар и Металург со почеток од 20:45 часот.