СЕХА дерби Вардар-Металург, Стоилов: Очекувам публиката да биде во сала, да му помогнеме на Борче!

Дерби мечот од ракометната СЕХА Газпром лигата помеѓу градските ривали Вардар и Металург ќе се одигра в сабота.

Закажано на 9. декември од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански” – Скопје, а билетите за натпреварот се пуштени во продажба преку продажната мрежа на www.ticketplus.mk. Цената е 50 денари.

Оваа македонска пресметка ќе има и хуманитарен карактер. Приходот од продажбата на влезниците ќе бидат наменети за операција за Борче Јовановски (16) кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж.

Борче боледува од ретка генетска болест, Бета Таласемија и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство.

Стојанче Стоилов – капитен на Вардар

Градско дерби и меч со посебен карактер. Мислам дека ќе биде интересен како и сите досега. Верувам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога, и нема да ја разочараме публиката.

Мечот ќе има и хуманитарен карактер. Се надевам дека ќе дојдам повеќе навивачи за да му помогнеме на Борче Јовановски“.

На влезот на салата ќе бидат поставени и кутии за донирање на пари кои исто така ќе бидат наменети за лекувањето за Борче Јовановски.

Имателите на сезонски билети ќе можат бесплатно да го следат натпреварот, но ќе можат и да купат билет или пак да донираат пари.