РФМ: БРАВО за играчите, Гонзалез и навивачите, со сите сили за Македонија!!!

И покрај енормно тешкиот меч одигран на стартот на 13-то Европско ракометно првенство во Загрепската арена – тензичноста, критички интонираните обвинувања насочени кон арбитрите, неизвесноста која траеше до последните секунди од натпреварот – Македонија доби мошне важен меч против мундијалски „бронзената“ селекција на Словенија.

БРАВО за нашите момци кои херојски се бореа за секој топка и за секој постигнат гол. Големо БРАВО за извонредниот стратег Гонзалез и стручниот штаб и уште едно огромно БРАВО за брилијантната поддршка од трибините!

Нашите сениорски репрезентативци денес се соочуваат со нов предизвик: уште еден тежок натпревар против уште еден силен ривал – селекцијата на Црна Гора. После овој сериозен тест, следи можеби најтешкиот натпревар во групната фаза – со континентално „златната“ селекција на Германија.

Остануваме максимално посветени и фокусирани на играта! Веруваме во тимот и квалитетот а на крилјата на илјадници наши фанови и огромната поддршка од целокупната јавност спортски, фер, достоинствено и гордо ќе ги браниме боите на националниот дрес!

Со сите сили: ЗА МАКЕДОНИЈА!

Спортски поздрав,
Ракометна Федерација на Македонија

Фото: macedoniahandball.com.mk