Радичевиќ: Играме позрело, амбицијата е секогаш да се победи! (ФОТО)

Вардарки го имаа првиот собир во 2018, ги започнаа тренинзите за вториот дел од сезоната…

Првиот тест ќе биде третиот турнир од регионалната ВРХЛ лига, а натпреварите се закажани за 19, 20 и 21 јануари во СЦ „Јане Сандански” – Скопје.

На 19 јануари во 17:00 часот играат Вардар и Будуќност (Црна Гора), следниот ден, на 20 јануари се среќаваат Будуќност и Крим (Словенија), а на 21 јануари играат Крим и Вардар.

На претходните два турнири одржани во Подгорица и во Љубљана, македонските шампионки победија на сите четири одиграни натпревари.

Секоја година имаме иста цел, и годинава играме позрело и посериозно. Во првиот дел ова го покажавме, и можеби е сѐ уште рано да се предвидува, следи главниот дел од натпреварите но сега се познаваме многу подобро од лани. И сега доволно е да се погледнеме во очи и да знаеме која што мисли.

Искрено, на натпреварите од регионалната лига очекувам дека тренерите ќе им дадат шанса на сите играчи за да се подготвиме колку што е можно подобро за она што следува во Лигата на шампионите. А, се разбира амбицијата е секогаш да се победи и освои теренот независно од противникот“, вели десното црногорско крило на „црвено-црните“, Јованка Радичевиќ.

По овие натпревари следи и првиот натпревар од ЕХФ Лигата на шампионите, и тоа на 27 јануари се домаќини на Мец. Влегуваат како први на табелата и пренесоа 8 бодови од четири победи кои ги имаа во групната фаза. Вардар е единствената екипа која во првата фаза нема пораз, туку победи на сите шестнатпревари.

Во новата 2018 година, две ракометарки на Вардар во Скопје се враќаат и со светското злато, Амандин Лејно и Александра Лакрабер, кои со репрезентацијата на Франција станаа светски шампонки на Мундијалот што се одржа во Германија.

По есенскиот дел од домашното првенство Вардар и дома е на првото место со максимален учинок, односно со максималните 42 бода по 14 одиграни натпревари.

Фото: zrkvardar.mk