Познат списокот од 16 играчи: Македонија денеска го почнува ЕП против Словенија!

Сениорската машка ракометна репрезентација на Македонија вечерва со натпреварот против Словенија од 19:30 часот во Загребска Арена, го почнува настапот на своето петто Европско Првенство.

По одработените два тренинзи во Загреб, нашите репрезентативци се чувствуваат подготвени за предизвикот кој ги очекува. Селекторот Раул Гонзалез во Хрватска допатува со 19 ракометари, а синоќа ги одреди 16-те кои ќе настапат на првата средба:

Голмани: Борко Ристовски, Никола Митревски
Бекови: Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Талески, Филип Лазаров, Немања Прибак, Мартин Велковски, Филип Кузмановски, Аце Јоновски
Крила: Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски
Кружни напаѓачи: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски

Од претходниот список отпаднаа голманот Златко Даскалоски, левото крило Гоце Ојлески и еден од столбовите во одбраната, Велко Маркоски.

Последниот натпревар против селекцијата на Словенија, нашата репрезентација го одигра пред точно една година, кога во средбата од групната фаза на Светското Првенство во Франција, Словенија славеше со 29-22. Последниот меѓусебен дуел на овие две селекции на Европските Првенства се случи во јануари 2012 година, кога Македонија славеше со 28-27 во борбата за петтото место на Првенството.

Натпреварот помеѓу Македонија и Словенија вечерва почнува од 19:30 часот, а претходно во нашата група од 17:15 часот ќе се сретнат Германија и Црна Гора.

Фото: macedoniahandball.com.mk