Пенезиќ во пензија, Лејно си оди, а ново норвешко засилување за ЖРК Вардар!?

Нови шпекулации околу новите идни промени во составот на македонскиот женски ракометен шампион.

Единствено што е потврдено е дека ќе си замине десниот француски бек Александра Лакрабер во Флери на крајот од сезоната.

Претходно се шпекулираше дека во „црвено-црниот“ клуб од сезоната 2018/2019 ќе дојдат левиот германски бек Емили Болк од Букстехуде, како и Русинките Дарија Дмитриева (среден бек, Лада) и Ана Вјахирева (десно крило, Ростов-Дон).

Сега најновите шпекулации велат дека голманот Амандин Лејно која овој месец се закити со златен медал на СП во Германија со француската лекција се поврзува со трансфер во Тулон.

Се најавува и дека левиот хрватски бек Андреа Пенезиќ (32) ќе стави крај на професионалната кариера на крајот од сезоната.

Пенезиќ е една од најефикасните стрелци во Лигата на шампионите, моментно ја има седмата позиција во генералниот пласман со 37 голови.

Како нејзина замена се најавува доаѓање на Норвежанката Вероника Кристиансен која исто така настапува на позиција лев бек и моментно ги брани боите на данскиот Митјиланд.

27-годишната Кристиансен во финалето на Мундијалот дојде до среброто, досега во дресот на норвешката репрезентација има 111 натпревари и 363 голови.