Пенезиќ после ждрепката за Ф4: Размислуваме само за полуфиналето и ништо друго!

Вардар во својот петти настап на Ф4 турнирите во женската Лига на шампионите за противник го доби Ростов Дон во полуфиналето.

Рускиот тим е дебитант во настапите на Ф4 турнирите и досега нема официјални натпревари против Вардар во ЛШ. Последен пат двата тима играле меѓу себе пред почетокот на сезоната на турнирот што „црвено-црните“ го организираа и победија гостинките од Русија.

Имаме само два натпревари одиграно со нив. Не знаеме како тие ни „лежат” за играње. Знаеме дека имаат добри играчи, добри крила, а некои играа во Вардар во минатото. Голманките Песоа и Седојкина се во добра форма. Ние мораме да се фокусираме на нашата одбрана и нашата игра и да не размислуваме за нив“, смета Андреа Пенезиќ, хрватскиот лев бек.

Вардар според многумина е фаворит на овој полуфинален меч поради фактот што Русинките за првпат играа на завршниот турнир.

Ништо не значи што се првпат на завршниот турнир. Ние размислуваме само на тој полуфинален меч и ништо друго. Тие покажаа дека се добри, и имаме еден месец за подготовка и да се анализираат сите детали од нивната игра“, вели Пенезиќ.

Полуфиналниот меч се игра на 12 мај, а саатницата дополнително ќе биде утврдена. Во второто полуфинале се среќаваат ЧСМ Букурешт и Ѓер.