Нов голем предизвик за македонските судии Николов и Начевски во ЛШ!

Македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски со ново големо признание кое доаѓа од ЕХФ Лигата на шампионите.

Славе Николов и Ѓорѓи Начевски на 15. октомври од 19:00 часот во Полска ќе го суди дербито во групата Б помеѓу Киелце и унгарскиот состав на Веспрем во чии редови настапува нашето лево репрезентативно крило Дејан Манасков.

ЕХФ делегат е Бјарн Мунк Јенсен од Данска. На табелата во групата Б води Веспрем со максимални осум бодови, додека Киелце е на петтото место со три.

Претстојниот викенд Драган Начевски ќе биде ЕХФ делегат на дуелот во Данска помеѓу Алборг и францускиот гигант ПСЖ. Судии на таа пресметка се Сорин-Лаурентиу Дину и Константин Дину од Романија.

Што се однесува до нашите екипи претставици, во групата А на дерби мечот Вардар-Барселона в сабота од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ судии се Литванците Ваидас Мажеика и Миндаугас Гателис, додека ЕХФ делегат е Владимир Сокол од Хрватска.

Истиот ден, но од 16:00 часот во групата Д во Русија, Металург му гостува на Чеховски Медведи, судиска правда ќе делат Ларс Јорум и Хавард Клевен од Норвешка, додека ЕХФ делегат е Тадас Јансонас (Литванија).

Да додадеме уште дека во женска конкуренција во групата Ц од второто коло во Германија дуелот помеѓу Турингер и нашиот ЖРК Вардар ќе го судат Русите Алексеј Кијашко и Дмитриј Киселев.