Нолевска за Спорт365: Виборг е еден од најдобрите во Европа, секој натпревар одиме на победа!

Како што објавивме претходно, нашето десно крило со данската ракометна екипа на Виборг успеа да се пласира во групната фаза од Купот на ЕХФ.

Наташа Нолевска на патот до тој успех во двете квалификациско кола против Мингачевир од Азербејџан во второто и Подравка од Хрватска во третото придонесе со 11 погодоци во севкупните четири натпревари на меѓународната сцена.

В недела (19. ноември) ќе ги дознаеме сите учесници од квалификациите во групите од Купот на ЕХФ, како второ најквалитетно ракометно натпреварување во Европа, после Лигата на шампионите.

Вкупно 12 екипи ќе дојдат во групната фаза од квалификациите, а ќе им се придружат уште четири екипи од групната фаза на ЛШ.

Дознавме седум досега: Виборг, Бјасен, БНТУ, Лада, Х65, Иси Париз и Залау, а останатите пет во неделната програма.

Ексклузивно за нашиот веб портал „Спорт365.мк“ говореше Наташа Нолевска, македонската ракометарка која настапува за данскиот клуб Виборг:

Виборг во овие моменти е една од најдобрите екипи во Европа, ние на секој натпревар одиме на победа. Во првите две кола во ЕХФ купот ние ја имавме фаворитската улога и истата ја оправдавме.

На натпреварите против Мингачевир и Подравка се беше решено по првите мечеви, па реваншите беа само чиста формалност.

Виборг располага со широк ростер на квалитетни ракометарки-репрезентативки на својата земја, а амбиции на клубот се високи, враќање на трофејот во домашното првенство и трофеј во ЕХФ.

Што се однесува до мене лично можам да кажам дека сум презадоволна, прв избор сум во Виборг, играм константно добро, играм тешки натпревари со многу силни противници, играм пред полни сали, секојдневно тренирам во најмодерни услови и што е најважно напредувам како играч“.

Да додадеме уште дека Нолевска се наоѓа и на списокот на ракометарки за ЕХФ неделата објавен од страна на селектоорт Симе Симовски.

Потсетување, дека во рамките на ЕХФ неделата, нашата репрезентација ќе настапи на меѓународниот турнир „Карпати Трофеј“ што ќе се игра во Крајова, Романија.

ПОВЕЌЕ ПРОЧИТАЈТЕ:

Симовски го објави списокот за дуелите против Бразил, Романија и Полска!