Металург во финишот целосно го скрши отпорот на Пелистер

Во четвртото коло од плејофот на првенството на Македонија, во Автокоманда Металург ја нагости екипата на Пелистер.

Металург ја имаше улогата на фаворит на оваа средба, но до бодовите стигна по навистина голема борба, благодарејќи на идеалните 13 минути на крајот од второто полувреме. Имено, во 47. минута се уште беше 22:22, а крајот од средбата „сино-белите“ го дочекаа со предност од дури десет голови, 34:24 (16:16).

Битолскиот клуб пружи силен отпор и беше рамноправен противник, а на моменти и подобар во две третини од денешниот натпревар. Битолчани водеа во најголемиот дел од првото полувреме, во еден момент и со високи +4, 8:12, додека Металург конечно се созеде на самиот крај од првиот дел, кога за првпат стекна минимално водство. Првите 30 минути завршија со израмнети 16:16.

Слично се играше и во првите десет минути од второто полувреме, кога Пелистер повторно имаше водство од еден до два гола, но веќе се чувствуваше дека Металург конечно ја среди својата одбрана, а се подобро играше и во нападот. Шокот за гостинскиот тим дојде во последните 13 минути од средбата, во кои Металург одигра фантастично и буквално го надигра Пелистер со серија од 12:2.

РК Металург – РК Пелистер 34:24 (16:16)

РК Металург: Томовски, Даниловски, Маџовски 1, Јагањац 6, Димитриоски 7, Токиќ 6, Шилегов, Серафимов 2, Кузмановски 5, Велковски 4, Пешевски 3, Палевски, Матијашиќ, Лазаревски и Арсеновски. Седмерци: 4/6. Исклучени: 4 минути.

РК Пелистер: Петров 2, Јагуриновски 2, Маџовски 1, Рајатовски, Чантурија 4, Димитровски 3, Рајичиќ, Чуриќ 4, Орџоникидзе 6, Брауновиќ, Митревски, Јовановски, Ивановски, Митиќ 2, Тодоровски и Везенковски. Седмерци: 3/3. Исклучувања: 6 минути.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Се одигра уште еден меч од плеј-офот, Еурофарм Работник како гостин триумфираше со резултат 21:26 против Охрид. На табелата води Металург води со 10 бодови, пред Еурофарм Работник (7), Вардар (6), Пролет (4), Охрид (1), Пелистер (0).

Во плеј-аут лигата реми одиграа екипите на Металург Скопје 2 и Вардар Јуниор со резултат 18:18. На табелата води Радовиш со 29 бодови, пред Металург Скопје 2 (14), Вардар Јуниор (13), Борец (12), Прилеп (10).

Фото: rkmetalurg.mk