Металург конечно „лавовски“ до првата победа во ЛШ!

Во третото коло од групната фаза во ЕХФ ракометната машка Лига на шампионите, македонскиот ракометен клуб на Металург вечерва на домашен терен дојде до првата победа сезонава над португалскиот клуб Спортинг со 28:27.

Металург поведе со 3:1 со головите на Илиќ и Кузмановски, но противникот од Португалија успеа да направи серија од 3:0 за минимално водство.

Се играше гол за гол во понатамошниот период, во 12. мин. од средбата после првата одбрана на Арсиќ, до третиот погодок во контра стигна Кузмановски за 7:6, но врати од пенал Карнеиро.

Во 18. минута својот првенец на мечот го имаше и Јагањац со своја соло акција, а во вистински момент со неколку одбрани во серија на сцена стапи и Арсиќ, а за плус три се погрижи Анѓелиќ со својот втор гол за радост кај малубројната публика во ВИП Арена СЦ „Борис Трајковски“.

Се одржуваше позитивата од 1-2 голови разлика, во 26. минута Јагањац откако украде една топка стрелаше за 14:12, а во меѓувреме дојде и осмата интервенција на голманот на „сино-белите“.

До крајот на првото полувреме се дојде и до најголемата предност на мечот, Металург по првите 30. минути водеше со 17:13, откако Палевски непогрешлив од седмерец имаше 3/3.

Се немаше решение засега за крилото Никчевиќ кој постепено како пивот наоѓаше празен простор во одбраната на тимот од „Автокоманда“, доаѓајќи до својот четврти гол. Анѓелиќ веднаш возврати на спротивната страна за 18:14 со еден силен прецизен удар од бековската линија.

Еден „проектил“ испрати Кузмановски кој беше најрасположен и на стартот од второто полувреме се погрижи за 19:15.

Сепак, ривалот не дозволи да расте неговата негатива, па намалија на минус два (20:18) во 37. минута пд средбата, за среќа врати нашиот претставник со убав „цепелин“ на релација Илиќ-Велковски.

Во моментите кога се применуваше цврста и агресивна одбрана, молдавските судии го исклучија Димитриевски кој не се согласуваше со нивната одлука.

Но, и покрај тоа што беа со еден ракометар помалку на теренот, успеа да се одбрани и преку контра домашниот состав казни од контра реализирана од страна на Токиќ што го принуди гостинскиот тренер да побара тајм-аут (22:18, 40. мин.)

Сега се одржуваше разликата од три-четири голов разлика, Јагањац од скоро 10. метри ја затресе мрежата за негов четврти погодок на дуелот.

Неколку напади беа неуспешни, па тоа го искористи противникот за повторно намалување на минус два, а Валдез кој имаше погодок за 24:22 за враќање на надежите, веднаш потоа доби и две минути поради груб прекршок.

Не знаевме тоа најдобро да го искористиме, напротив се дозволи на Спортинг да дојде на само минус еден (25:24) во 51. мин. Се имаше шанса повторно да се дојде до плус два, Кузмановски како пикер изнуди пенал и две минути на Копчо, а Палевски не знаеше да згреши пет од пет од седмерец за 26:24.

Португалците загубија една топка во нападот, играа со 7 на 6, Анѓелиќ ја виде празната мрежа за негов четврти гол, а најавите за прв триумф ги најавуваше Арсиќ кој ја забележа 13. одбрана на седум минути до крајот на мечот.

На крајот мала тензија на теренот, Илиќ и Араухо се најдоа во физички судир, но брзо се смирија страсите, а судиите и двајцата ги испратија на клупата.

На три и пол минути до крајот Портела од крило намали на 27:26, а добредојдено беше и исклучувањето на Кортел, но Пешевски не реализираше чист зицер, па тоа значеше можност гостинот да израмни. Сепак, поранешниот член на Металург, Божовиќ ја погоди стативата, казни од контра илиќ со својот трет гол.

На крајот се издржа, Металург дојде до првите бодови и совладан Спортинг со еден гол разлика.

Следниот четврти дуел од групата Д избраниците на тренерот Лино Червар ќе го имаат на 8. октомври на гости кај украинскиот Мотор Запорожје (16:00 ч.)

Лига на шампиони, 3. коло

Металург-Спортинг 28:27 (17:13)

Металург: Арсиќ (13 одб.), Палевски 5, Кузмановски 6, Илиќ 3, Токиќ 2, Анѓелиќ 4, Велковски 2, Јагањац 4, Пешевски 2.