Манасков после Купот: Мој прв трофеј со Веспрем, се надевам не и последен!

Левото македонско репрезентативно крило говореше за успешниот настап на Фајнл-фор турнирот во Купот на Унгарија.

Дејан Манасков и неговиот клуб Веспрем успеаја да се закитат со куп трофејот откако во финалето го совладаа составот на Пик Сегед.

Тоа беше едно добро, одлично искуство. Беше важно за нас да триумфираме на Ф4, после она што ни се случи изминатиот период (елиминација во осминафиналето од ЛШ). Ни беше потребна самодоверба, среќни сме поради успехот, но има уште една цел за која одиме да се бориме.

Имаме две недели да се подготвиме и се надевам дека ќе играме како во Дебрецин. Доколку тоа го направиме, можеме да го освоиме и шампионатот.

Добро е чувството после мојот прв трофеј со клубот, затоа и дојдов, да освојувам титули. Таа беше мојата прва, се надевам не и последна титула.

Што се однесува до очекувањата за останатиот дел од сезоната, имаме четири натпревари и сакаме на сите да триумфираме. Сакаме да одиме на летен одмор со „двојна круна“ и дека треба да бидеме подобри следната сезона во ЛШ“, рече Манасков, ракометарот на Веспрем за официјалниот клупски веб сајт.