Македонско лавовско срце во Загреб: Голема победа против Словенија на ЕП! (ФОТО, ВИДЕО)

На првиот натпревар од Европското првенство денеска македонската репрезентација во Загреб слави голема и значајна победа над третопласираната од минатото СП Словенија со 25:24.

После нереализираниот обид на Миркуловски, во контра казнија Словенците од контра веднаш преку Маргуч. Израмнивме во следниот наш напад благодарение на К. Лазаров од пенал, но веднаш противникот се врати во водство преку Цингесар како крило.

Повторно следуваше егал со иста мера, К. Лазаров незапирлив од седмерец (2:2) во петтата минута од средбата во гласната Загрепска Арена исполнета со словенечки и македонски навивачи.

Тешко се следеше брзото темпо на противниците кои го наметнаа уште од самиот почеток, мини-серија направија за 4:2, но и следуваа две нивни исклучувања за краток период, кој не го искористивме за трет пенал по ред од К. Лазаров и остана 4:2. Следуваа нови нереализирани напади, двапати по ред Манасков од крило не пронајде начин да ја затресе мрежата на Скок.

И наместо да намалиме и израмнивме, лоши вести за селекторот Гонзалез откако две минути исклучување доби Јоновски, а петти гол по ред постигна расположениот Млакар, а клучен придонес во предноста од 5:2 имаше и голманот Скок кој веќе собра шест интервенции.

Серијата беше конечно прекината благодарение на борбениот пивот Стоилов, а после новото исклучување на Зарабец, Манасков го постигна првенецот на ЕП од пенал (4:6, 15. мин.). При 5:7 на семафорот Талески изнуди исклучување на Цингесар, имавме шанса да намалиме, но не успеавме, бидејќи неверојатниот Скок го запре ударот на Прибак.

Продолжуваше агресивната одбрана на Словенија, Стоилов тоа најдобро го почувствуваше, но и изнудуваше исклучувања, ги имаа вкупно шест. Голманот Митревски во вистински момент го замени Ристовски и со неговите одбрани придонесе на крајот од првото полувреме и да израмниме на 11:11 во последната секунда преку Талески.

Одличен старт имавме во второто полувреме, серија од 4:0 со двата гола на Манасков и по еден на Миркуловски и Пешевски за фантастични 15:11 во 35. мин. од средбата. Словенците ја прекинаа нашата одлична низа од седум погодоци, по што селекторот Раул Гонзалез побара нов тајм-аут да се смират страстите на теренот и донесе тактички замисли.

Дозволивме да се стопи предноста на само минус еден по голот на Зарабец, но веднаш врати Георгиевски од полуконтра за 17:15 во 42. минута од неизвесниот меч. Истиот играч со вториот гол ја врати Словенија во игра (17:17), а ние повторно напаѓавме за водство каде што исклучување доби Цингесар, тоа беше искористено со шестиот гол на К. Лазаров.

Со сите сили одржувавме минимална позитива, Манасков дојде до шестиот гол за 19:18, но никако немавме решение за Зарабец во вториот дел. Крајно драматично се влезе во последните 10. минути со по 20 голови на двете страни.

Се играше гол за гол, при 24:24 одлично се снајде Ф. Лазаров на три и пол минути до крајот на дуелот. Словенците имаа шанса да израмнат, но имаа загубени топки, и среќата беше на наша страна, по што на крајот се славеше голема победа, можеби и клучна за пласман во следната фаза.

ЕП Хрватска 2018

1. коло, група Ц (Загреб)

Македонија-Словенија 25:24 (11:11)

Македонија: Ристовски (5 одб.), Митревски (10 одб., 1 сед.), Велковски, Јоновски, Миркуловски 2, Н. Маркоски, Кузмановски, Георгиевски 2, Поповски, Пешевски 1, К. Лазаров 7, Стоилов 1, Манасков 8, Ф. Лазаров 2, Прибак 1, Талески 1.

Фото: twitter.com/EHFEURO