ЛШ, Стоилов: Против Пик Сегед мораме да одиграме цврсто во одбраната!

За ракометарите на Вардар претстојат три клучни натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите од кои ќе зависи и конечниот пласман на екипата на крајот од регуларниот дел.

Моментно сме лидери со 18 бода, еден повеќе од Нант. Целта е македонскиот и европски шампион да го заврши овој дел од ЛШ како првопласиран и да се пласира директно во четврт-финалето.

Во недела (17 часот, СЦ „Јане Сандански”) во Скопје гостува тимот на Пик Сегед, унгарскиот вицешампион. До крајот на групната фаза остануваат да се одиграат уште три натпревари. Покрај овој со Пик Сегед, „црвено-црните“ треба да играат и со Нант (во гости) и со Висла (дома).

Натпреварот со Пик Сегед е важен за задржување на првото место, но и гостите доаѓаат со силен мотив, особено по триумфот во гости кај Рајн Некар. Првиот меѓусебен дуел во првиот дел од сезоната со Пик Сегед заврши нерешено, 26-26.

Имаме добар противник в недела. ПИК Сегед одигра одличен натпревар минатиот викенд кај Рајн Некар каде што се избори за победа. Тоа е тим со квалитет. Кај нас ќе дојдат за да играат без притисок, но и со зголемена самодоверба. Ситуацијата е подобра отколку против Барселона. Ракометарите тренираа без проблеми и сите ќе бидат подготвени. Стравувам од одбраната на ПИК Сегед. Овој тим може да одигра 6-0, 5-1, но и да играат со фластер. Знам дека подготвуваат нешто специјално за нас“, вели Раул Гонзалес.

Ова ќе биде осми меѓусебен дуел на Вардар и Пик Сегед. На четири средби Вардар победувал, две завршиле нерешено, а само во октомври 2014 година во Унгарија противникот успеал да победи.

Многупати сме играле против овој тим. Знаеме многу за нив, но и тие знаат како играме. Ситуацијата е добра за нас. Се наоѓаме на прво место, но имаме само еден бод предност во однос на Нант. Тимот од Франција утре ќе го одигра својот натпревар, па ќе можеме да видиме каква ќе биде ситуацијата на табелата пред да го одиграме ние нашиот меч в недела. Ако сакаме да останеме на првото место мораме да одиграме добро. Имаме квалитетен противник, но мораме да дадаме сè од себе и треба да победиме“, вели Гонзалес.

Капитенот Стојанче Стоилов знае дека овој дуел ќе биде тежок со оглед на тоа што Пик Сегед секогаш бил незгоден ривал за „црвено-црните”. На првиот натпревар во Унгарија, ние освоивме бод играјќи 26-26.

Во Унгарија одигравме нерешено, па очекувам да биде слично и сега во Скопје. Сепак, очекувам на крајот ние да славиме. Ние сме европски шампиони и така треба да се однесуваме. Играме дома пред наша публика и пред полна сала. После поразот од Барселона се наоѓаме на добро ниво. Се тренираше одлично неделава и се надевам на добра игра и на наша победа. Во Унгарија лесно можевме да загубиме, а потоа на крајот имавме шанса и да победиме. На овој дуел ќе мораме да одиграме цврсто во одбраната и да доаѓаме до шанса за лесни голови. Без тоа тешко ќе можеме до победа“, вели Стоилов.

Билетите за натпреварот Вардар – Пик Сегед се веќе во продажба во продажната мрежа на www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански”. Натпреварот е закажан за в недела во 17 часот.

Фото: rkvardar.mk