ЛШ, Шишкарев: Клучен беше стартот на вториот дел кога имавме добра одбрана!

Вардар останува со максимален број бодови по третото коло во групата А на Лигата на шампионите, победувајќи го ППД Загреб со 28-21 (13-10).

Ова е осма победа по ред за вардарци во ЛШ, уште едно клупско најдобро остварување досега во најелитното натпреварување во Европа.

Во следното коло Вардар гостува во Унгарија кај ПИК Сегед. Своите импресии од вечерашниот меч во СЦ „Јане Сандански“ ги споделија тренерот Раул Гонзалез и ракометарот на Вардар, Данил Шишкарев.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез:

Загреб игра еден многу добар ракомет, имаше добар меч и вечерва. Знаевме дека тие стартуваа оваа сезона добро, го покажаа својот квалитет против Кристијанштад и Пик Сегед каде беа блиску до победи.

Тоа беше причината за нашата загриженост, во првите 15 минути не игравме как што треба, но потоа го кренавме нивото на игра, го контролиравме крајот на првиот дел. Морам да го пофалам и нивниот голман кој беше одличен, а беше проблем за нас.

Но, во второто полувреме успеавме да направиме 4-5 голови разлика, среќен сум поради триумфот, секогаш е тешко да се победи во ЛШ, особено против Загреб кој е многу добар тим.

На крајот се беше супер, мислам од натпревар во натпревар дека играме се подобро, задоволен сум од новите освоени бодови“.

Ракометарот на Вардар, Данил Шишкарев:

Тешко влеговме на натпреварот, но после 14-15 минути од првиот дел, започнавме максимално сериозно да му пристапиме на овој меч.

Сметам дека круцијалниот момент беше на стартот од второт полувреме кога покажавме добра одбрана, и двајцата голмани на двете страни имаа супер перформанси.

Им честитам на моите соиграчи за триумфот, продолжуваме понатаму, задоволни сме тоа што имаме три од три во нашата група“.

Фото: rkvardar.mk/Денис Дуковски