ЛШ: Металург без Кузмановски и против Чеховски Медведи

Рано наутро денеска Металург замина за Чехово (Русија), каде утре ќе го одигра натпреварот од петтото коло на групната фаза на Лигата на шампионите, против екипата на Чеховски Медведи.

Металург летна со утринскиот лет за Виена, а потоа продолжи за Москва, каде требаше да слета околу 13 часот по наше време. Патот од Москва до Чехово ракометарите на македонскиот клуб ќе го минат со автобус.

Навечер, екипата ќе го одржи и својот единствен тренинг пред средбата со Чеховски Медведи. Оваа средба ќе се одржи утре, со почеток во 16 часот по локално време, 15 часот по македонско.

Средбата се игра во спортскиот комплекс “Олимписки“ во Чехово, со капацитет од 3000 места. Средбата ќе ја судат судиите од Норвешка, Ларс Јорум и Хавард Клевен, додека делегат ќе биде Тадас Јонсонас од Литванија.

И на овој натпревар Металург нема да може да смета на услугите на капитенот Филип Кузмановски поради повреда, а тимот на Металург и на оваа средба од клупата ќе го води Александар Јовиќ.

По четири одиграни кола, Металург има три освоени бодови, додека противникот од Русија засега забележа четири порази и се наоѓа на последното место во групата „Д“.