ЛШ: „Машинеријата“ на Вардар запре во Барселона!

Дури во рамките од 11. коло во ракометната машка Лига на шампионите македонскиот и европски шампион го претрпе првиот пораз сезонава.

На „Блауграна“ составот на Вардар загуби минимално во една храбра игра против Барселона со конечен резултат 29:28, минимално водеше каталонскиот гигант и после првото полувреме (15:14).

Натпреварот со гол го отвори Вуко Борозан, за домашниот тим со два последователни погодоци, да поведе со 2:1. Во текот на првото полувреме во главна улога беа голманите на двете екипи, кај „црвено-црните“ Арпад Штербик и на спротивната страна, Перез де Варгас. Екипата на Барселона прва се одлепи резултатски, кога поведе со 5:2, но тоа водство не траеше долго време, бидејќи Вардарци во следните четири минути направија серија од 0:3, при што Кристопанс постигна два последователни голови и во 10 минута го израмни резултатот.

Истовремено, Штербик стигна до својата трета одбрана. Гледавме интересен натпревар, а двете екипи наметнаа брзо темпо на игра. Во следните пет минути следиме игра гол за гол, а за прв пат на мечот, Вардар успева да има два гола разлика, откако десното крило, Данил Шишкарев погоди во два наврати и донесе предност од 8:10, што беше знак за Чави Пасквал да побара тајмаут.

Блескаше Штербик, кој со леснотија ги спречуваше ударите на противничките играчи. После минутата одмор, каталонците брзо ја топат негативата и успеваат да израмнат на 10:10. До крајот на првото полувреме ниту една од екипите не успеа да поведе со повеќе од еден гол. Штербик имаше веќе девет одбрани на нашиот гол и е најзаслужен, што противникот по истекот на првите 30 минути има само минимално водство, или резултат 15:14.

Второто полувреме започнува со третиот гол на Циндриќ за израмнување на резултатот, но Барса во следните четири минути направи серија од 3:0, за три гола разлика од 18:15. Во следните десет минути, домашниот тим одржуваше водство од 2-3 голови разлика, а Вардар се обидуваше да се доближи, но Перез де Варгас беше расположен за нови одбрани.

Избраниците на Гонзалес започнаа да грешат во нападот, што им овозможи на противникот два контра-напади, со кои зголемија на највисоки четири голови разлика (24:20) во 50 минута. Карачиќ со два гола во серија носи резултатска неизвесност и намалува на 24:22 и го враќа Вардар во игра, а Штербик стигнува со својата 14 одбрана.

Барса прави голем чекор кон победата, кога повторно направи мини серија од два гола и поведе со 28:24. Иако намалија избраниците на тренерот Раул Гонзалез на 28:26, немаа време за целосен пресврт.

Штербик забележа 14 одбрани, а кај стрелците се издвои Кристопанс со седум голови, на спротивната страна за Шпанците Перез де Варгас забележа 11 одбрани, а Жалуз запиша шест погодоци.

Лига на шампиони (сезона 2017/2018)
Група 1

11. коло:

Висла Плоцк-ППД Загреб 27:24
Кристијанштад-Нант 26:31
Барселона-Вардар 29:28
Недела (17:00 ч.) Рајн Некар Левен-Пик Сегед

Табела:
1.Вардар 18 бодови
2.Нант 17
3.Барселона 14
4.Рајн-Некар Левен 12
5.Пик Сегед 9
6.Висла Плоцк 6
7.Кристијанштад 6
8.ППД Загреб 4