ЛШ, Јовиќ: Червар на трибини, со добра одбрана до успех против Мотор Запорожје

Денеска РК Металург одржа прес0конференција напладне во конгресната сала на ВИП Арената СЦ „Борис Трајковски“, пред натпреварот што ќе го одигра в сабота (25.11.2017) против екипата на Мотор Запорожје.

Ова е меч во рамките на деветтото претпоследно коло на Лигата на шампионите, а закажан е со почеток во 17:30 часот. Ова е и последен домашен натпревар на македонскиот вицешампион во тековната сезона на ЛШ против украинската екипа.

Помошник-тренер на РК Металург, Александар Јовиќ:

За оваа пресметка сме комплетни. Ги имавме најдобрите мечеви во ЛШ на гостувањата против Мотор Запорожје и Чеховски Медведи. Мислам дека најдобриот го имавме токму во Украина кога одигравме нерешено 28:28, на полувремето имавме и водство од 12:18. Противникот в сабота ќе ја има фаворитската улога, станува збор за една искусна и квалитетна екипа.

Верувам дека со добра одбрана можеме да извлечеме поволен резултат, на последните неколку средби примаме многу голови. Ако ги зацврстиме дефанзивните линии, мислам дека и голманите можат да придонесат со 13 или 14 одбрани, како предуслов за добар резултат. А секако и во нападот треба преку чиста шанса да доаѓаме до реализација.

Исто така, сметам дека недоволното искуство беше причина за поразите кои што ги имавме досега, паѓаме во моментите кога се крши резултатот. Што се однесува до Лино Червар, тој е во Скопје, секој негов совет ќе биде добредојден. Ќе биде на трибините, ќе биде од голема корист за тимот, претставува мој ментор и учител, воедно тренираше со нас“.

Ракометар на Металург, Филип Кузмановски:

Знаеме што не очекува во саботниот меч, одигравме добро на нивни терен со добра одбрана и напад, и така можеме само до позитивен резултат.

Ги загубивме шансите за второто место, но ветуваме дека до крајот на групната фаза во Лигата на шампионите ќе покажеме голема борбеност.

Нам ни треба поддршка, млади сме, нормални се грешките. Растеме од натпревар во натпревар“.

Судии на дуелот ќе бидат Чесите Јири Опава и Павел Валек, додека ЕХФ делегат е Ајберик Дилмен од Турција.