ЛШ, Гонзалез: Барселона беше подобра, имавме проблеми со Жалуз!

После 15 натпревари на Вардар без пораз во Лигата на шампионите, Барселона успеа да ги освои трите бода на средбата од елитното натпреварување.

Шпанскиот тим победи со 29-28, но и покрај тоа „црвено-црните” остануваат на првото место на табелата во А групата.

Македонските и европски шампиони имаа дури и шанса во последната минута да се надеваат на реми, но судиите од Данска предолго го толерираа неактивниот напад на домаќините.

Триумфот или бод можеше да им донесе уште помирна завршница и побрза заверка на првото место и директниот пласман во четврт-финалето на ЛШ.

И сега сѐ е во нивни раце, тие и понатаму се на првото место, имаат предност од еден бод во однос на францускиот клуб Нант на нашиот интернационалец Кирил Лазаров, и уште три натпревари за играње.

До крајот на од групната фаза Вардар најпрвин ќе игра дома со ПИК Сегед (Унгарија), потоа гостува кај Нант и на крајот е домаќин на Висла Плоцк (Полска). Секој дуел ќе биде важен за избраниците на тренерот Раул Гонзалез, и секој бод им носи поголема шанса за директно четвртфинале.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез:

Барселона беше подобра од нас, мојата екипа беше многу добра во првото полувреме, но имавме проблеми со Ваел Жалуз кој одигра многу добро пред крајот на првото полувреме.

Во вториот дел секогаш имавме два или три голови разлика, и не го одигравме нашиот најдобар натпревар“.