ЛШ: Дибиров во идеалниот тим, Марсениќ со втор најдобар гол на колото! (ВИДЕО)

На две кола до крај на групната фаза од Лигата на шампионите Вардар е на чекор до директен пласман меѓу осумте најдобри тимови во Европа.

И кога „црвено-црните” играат добро и победуваат, навикнавме и дел од играчите од македонскиот шампион да бидат во некој од изборите на ЕХФ после секое коло.

Овојпат почестите им припаднаа на Тимур Дибиров и Мијајло Марсениќ. Вардар го победи Пик Сегед со 34-30, а меѓу најзабележителните беше токму Дибиров со 11 гола.

Од овие 11 голови, дури девет беа постигнати од игра што покажува на добрата форма во која се наоѓа руското лево крило. Тимур Дибиров се најде во најдобрата постава на 12. коло во ЛШ.

Покрај него во идеaлниот тим избран од ЕХФ се уште и:

ЛЕВ БЕК: Момир Илиќ (Веспрем)
СРЕДЕН БЕК: Раул Ентрериос (Барселона)
ДЕСЕН БЕК: Албин Лагергрен (Кристијанштад)
ДЕСНО КРИЛО: Никлас Екберг (Кил)
ПИВОТ: Игор Аниќ (Целје)
ГОЛМАН: Родриго Коралес (ПСЖ)

Ретко има место во некој од изборите на ЕХФ за пикерот Мијајло Марсениќ, но неговиот гол постигнат со „вртенка” овојпат против Пик Сегед не можеше да остане незабележан. Рангиран е на второто место.