ЛШ: Ауфидерзен Кил, Вардаре добредојде повторно на Фајнл-фор во Келн!

Европскиот и македонски шампион Вардар на крајот на мај повторно ќе биде во Келн, Германија каде ќе го брани трофејот освоен лани.

На реваншт четврт-финалниот меч против Кил во Скопје гостите во последната минута постигнаа два гола и победија со 28-27 (13-13). Но, бидејќи на првиот меч во Германија победи Вардар со 29-28 поради повеќе голови постигнати во гости на Ф4 турнирот ќе патуваат „црвено-црните”.

Во самата завршница од натпреварот дозволија избраниците на тренерот Раул Гонзалес мал пад на концентрацијата, и од водство 27-25 дојдоа во ситуација во последната минута да имаат прво реми, 27-27, а потоа и да примат гол.

Но, кога веќе беше јасно дека нема време за ништо друго освен за славење на Вардар и навивачите во СЦ „Јане Сандански” гостите го искористија невниманието и опуштањето на Вардарци.

Вардар кој беше бодрен од љубителите на ракометот и особено навивачката група „Комити“, според сите беше фаворит на средбата против Кил, но уште на почетокот Гермнците најавија дека ќе се борат до крај и дека нема да се предадат. И така тргна натпреварот со водство на гостите од 0-3. На Вардар му требаа шест минути да се снајде со грубата и агресивна игра на гостите, но и да почне да функционираат акциите што се подготвувале. А кога тоа почна веќе беше полесно.

За три минути веќе имаше и пресврт и „црвено-црните” водеа со 5-4. Вардар ја играше својата игра, и тоа му донесе предност од три гола. Одбраните на двата тима беа тие што се обидуваа да променат нешто, а кога на Кил не му одеше сменија во 3-2-1 со Дувњак на центар. Тоа ни создаде мали проблеми и Кил почна полека да ја топи предноста на домаќините.

За разлика од дуелот во Кил кога пикерите ја пробиваа противничката одбрана, овојпат играта беше префрлена на бековите и крилата. Сигурно дека ќе можеа Вардарци да бидат и поефикасни, но неколку топки што сите ги видоа во мрежата на Ландин и Волф, завршија во рацете на противничките голмани.

Арпад Штербик во овој дел од средбата имаше осум успешни интервенции, а Вуко Борозан упати четири неодбранливи проектили кон голот на гостите.

На секоја загубена топка на Вардар или не реализиран напад возвраќаа гостите со гол и израмнија на 10-10. Но, Вардар бодрен од 6.000 громогласна публика брзо се снајде и повторно поведе со 13-11. По последните минути Иван Чупиќ двапати не реализираше пенал. Едниот заврши во стативата а другиот во последната секунда го одбрани Андреас Волф. Нерешениот резултат од 13-13 ветуваше неизвесно и интересно второ полувреме.

Само што почна вториот дел од натпреварот вардарци покажаа дека се подготвени за конечно да ги решат дилемите. Во 42 минута првпат имавме предност од „плус 4″ за 21-17. Вардар играше одлично, и тоа се одрази на резултатот. Да не беше опуштањето во последните минути ова ќе беше перфектен меч за вардаровите ракометари.

Лига на шампиони, четвртфинале

(прв натпревар Кил-Вардар 28:29)

Реванш
Вардар-Кил 27:28

Вардар: Штербик (13 одб., 1 сед.), Милиќ, Борозан 6, Циндриќ 5, Криштопанс 4, Дибиров 3, Фереира Мораеш 3, Канелјас 2, Шишкарев 2, Чупиќ 1, Македа 1, Абутовиќ, Карачиќ, Марсениќ, Стоилов, Војводиќ.

Кил: Ландин, Волф, Екберг 5, Винцек 5, Зарабец 5, Билик 3, Нилсон 3, Вујин 3, Френд-Офорс 2, Дувњак 1, Рамел 1, Дисингер, Фирнбахер, Сантош.

Фото: rkvardar.mk