Кадетите со пораз го започнаа меѓународниот турнир во Романија (ВИДЕО)

Кадетската машка ракометна репрезентација на Македонија (до 18 години) со пораз стартуваше на меѓународниот подготвителен турнир што се игра во романскиот град Васлуи.

Нашите надежи на првиот натпревар загуби од селекцијата на Израел со конечен резултат 27:29. Вториот меч ќе го имаат в сабота од 16:30 часот против домаќинот Романија, а в недела (17. декември) од 10:30 часот ќе ги одмерат силите со Украина.

Израел имаше подобар почеток во првото полувреме и имаше постојано водство од неколку голови разлика. Но, кон крајот на првиот дел нашите млади ракометари направија серија од 6:0 и го презедоа водството.

Највисоката предност на Македонија изнесуваше 5 гола, 16:11, но на одмор замина со предност од 4 гола, 16:12.

Почетокот на второто полувреме мина во доминација на нашиот противник, кој ја искористи катастрофалната игра на нашите кадети и направи серија од 9:1.

Израел го презеде водството и не го испушти до самиот крај. Во последните две минути влеговме со негатива од само еден гол, 26:27, но не ги искористивме своите два напади и го загубивме натпреварот со резултат 27:29. Во отсуство на селекторот Брестовац, кадетите ги предводи Никола Матлиески.

Пренос од сите натпревари од турнирот во живо на следниот линк:
https://www.youtube.com/channel/UCr742PTqueo_UDMNk_7VWzg

Овој турнир е во склоп на подготовките на нашата кадетска репрезентација за настапот на ЕХФ Шампионатот што во јули 2018 година ќе се игра во Грузија, како и за Светското Првенство за оваа генерација што во текот на летото 2019 ќе се игра во Скопје.