Иако водеа со плус четири, сениорите поразени на контролниот меч од Русија!

Сениорската машка репрезентација на Македонија, настапи со подмладен состав и без неколкумина првотимци на пријателскиот натпревар против селекцијата на Русија.

Избраниците на Раул Гонзалез играа одлично во првото полувреме кое го завршија со предност од 19-15, но Русија знаеше да ги искористи проблемите со реализацијата на нашиот состав во текот на второто полувреме и направи пресврт за победа од 32-27.

На натпреварот не настапија повеќемина првотимци во нашиот тим, меѓу кои Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Борко Ристовски, Гоце Георгиевски и Никола Митревски, а посериозна шанса добија неколкумина помлади играчи, меѓу кои и најмладиот Мартин Серафимов, член на Кадетската репрезентација на Македонија (до 18 години).

Со овој натпревар се затвораат подготовките на сениорите во рамки на ЕХФ неделата. Следниот собир на репрезентацијата е на почетокот на јуни 2018, во пресрет на бараж натпреварите за Светското Првенство 2019 против селекцијата на Романија.

Македонија: Манасков 5, Велковски, Талевски 10, Томовски, В. Марковски, Ристовски, Н. Марковски 2, Кузмановски 2, Даскаловски, Крстевски 1, Ојлевски, Поповски 1, Пешевски 5, Серафимов, Димитриевски.

Најефикасни во редовите на руската селекција по пет голови беа Киселев, поранешниот член на Металург, Атман и сегашното лево крило на Вардар, Дибиров.

ЕХФ недела

Пријателски натпревар

Македонија-Русија 27:32 (19:15)

Фото: macedoniahandball.com.mk