Георгиевски го одведе ЧСМ Букурешт во четвртфиналето од романскиот Куп!

Во осминафиналето од Купот на Романија екипата на ЧСМ Букурешт дома со 35:28 го елиминираше Одорхеи.

Најзаслужен за пласманот во четвртфиналето беше македонското десно репрезентативно крило Гоце Георгиевски кој реализираше девет голови (9/10).

На спротивната страна за гостите настапи Горан Кузманоски кој двапати се запиша во листата на стрелците (2/3) и воедно доби едно исклучување од две минути.

Потоа, Темишвар на нашиот голман Златко Даскалоски, беше подобар од Сучеава со конечен резултат 39:30.

Доброгеа Суд Констанца убедливо со 34:17 славеше против Јаши, а во триумфот придонесе чуварот на мрежата Никола Митревски со 10 одбрани. Неговиот клупски колега Велко Маркоски не беше во составот.

Досега се познати пет екипи во четвртфиналето, тие се: Бакау, Доброгеа Суд Констанца, Турда, ЧСМ Букурешт и Темишбвар. Останатите три ќе ги дознаеме после дуелите Минаур Баја Маре-Динамо Букурешт, Орадеа-ЧСМ Фагараш и Васлуи-Стеауа Букурешт.