Фереира Мораеш: Се надевам на максимална поддршка на реваншот против Кил!

Вардар направи голем подвиг против силниот бундеслигаш изминатиот викенд, актуелниот европски шампион забележа победа во првиот четвртфинален меч против Кил в гости (28:29).

Избраниците на тренерот Раул Гонзалез со головите на Тимур Дибиров и Хорхе Македа во последните секунди победија со 28-29, по што со минимална предност ќе го пречекаат реваншот во Скопје против Кил.

Бразилскиот пикер на македонскиот и европски шампион, и воедно поранешен играч токму на Кил, Рожерио Мораеш Фереира одигра одлично во првите 60. минути во „Шпаркасе“ Арената со пет гола и беше еден од најдобрите поединци во овој дуел.

Во пресрет на возвратниот дуел в недела (29. април 2018 год.) со почеток од 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, Фереира Мораеш говореше за официјалниот веб сајт на Европската ракометна федерација (eurohandball.com/Amina Idrizi):

Мислам дека одигравме еден одличен меч, особено во првото полувреме. На стартот од вториот дел направивме грешки кои му дозволија на Кил да се врати во игра. Но, успеавме да ја задржиме концентрацијата и со многу среќа на крајот се радувавме на победата.

Играв на теренот со посебна мотивација, бидејќи сакав да му кажам „благодарам“ на Гисласон за шансата која што ми ја даде во Кил. Тоа беше мојата прва професионална година во Европа, која беше тешка за мене, затоа што немав такво искуство во мојот живот.

Неколку години подоцна ја освоив титулата во Лигата на шампионите со Вардар, а продолжив да напредувам со тренерот Раул, кој ми дава голема самодоверба. Очекувам голема борба и тежок меч, иако играме пред нашата публика.

Салата ќе биде преполна и се надевам на максимална поддршка од фановите. Мислам дека играме подобро од минатата сезона, особено тоа се должи на истиот состав, што ни помогна да напредуваме тактички и технички.

Неодамна ја освоивме СЕХА Газпром лигата, а сега се бориме за Фајнл-фор турнирот во Келн. Ќе направиме сѐ во наша моќ да се избориме за место на Ф4 и да ја одбраниме титулата од минатата сезона“.