Еве зошто Благотиншек доби црвен картон и како Германија среќно доби бод! (ВИДЕО)

Крајно драматично на првиот натпревар од второто коло во групата Ц во Загреб на Европското првенство.

Конечниот резултат на мечот Словенија и Германија е 25:25, откако Германците израмнија на 24:24, веднаш во последниот напад на Словенците Јанц реализираше за 25:24 и сите помислија дека е крај и победа за избраниците на селекторот Вујовиќ.

Најпрвин на прв поглед после првите протестирања на Германците се помисли дека станува збор за евентуален престап на Јанц, но тој погодок беше регуларно признат и таквата ситуација не се наоѓаше во фокусот на вниманието.

Имено, веднаш после голот на десното словенечко крило, остануваа уште неколку секунди до крајот, Германците веднаш се обидоа да започнат нов напад од центарот, а токму во нивната намера да шутнат беа спречени од Благотиншек кој пак блокираше токму од самиот центар што не е дозволено според ракометните правила.

Со оглед на тоа што за прв пат од ова ЕП се користи видео-технологијата, судиите од Литванија еден долг период од пет минути ги прегледуваа снимките, по што одлучија да му доделат црвен картон на Благотиншек и автоматски досудат пенал за Германија кој беше реализиран за конечни 25:25.

Значи, според правилникот играчот од изведувачот на нов напад треба да биде оддалечен точно три метри. Ако во завршните 30 секунди од мечот, додека топката не е во игра, ракометарот одолговлекува или го попречува својот противнички играч да изведе или упати удар кон голот, судијата има право да го дисквалификува и досуди седмерец. Ова правило од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) важи, односно е во сила од 2015. година.