ЕП: Се враќа Лазаров, без Маркоски против Шпанија!

Познат е составот за денешниот прв натпревар на македонската репрезентација во главната фаза на Европското првенство во Хрватска.

Со почеток од 20:30 часот во Вараждин избраниците на селекторот Раул Гонзалез во рамките од групата 2 ќе се соочат против Шпанија.

Направена е нова промена, имено се враќа левиот бек Филип Лазаров, а на трибините ќе биде Никола Маркоски, така што се останува со двајца пивоти, Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски.

Македонија: Ристовски, Митревски, Георгиевски, Јоновски, Кузмановски, Ф. Лазаров, К. Лазаров, Манасков, В. Маркоски, Миркуловски, Поповски, Прибак, Стоилов, Талески, Велковски.

Шпанија: Перез де Варгас, Коралес Родал, Агинагалде, Арино Бенгоечеа, Балагер Ромеу, Канелјас, Д. Душебаев, А. Душебаев, Ентрериос Родригез, Фигуерас, Гвардиола, Морос де Аргиља, Ривера, Сармиенто, Соле.

Се очекува голем број македонски навивачи да ги бодрат нашите ракометари од трибините.

Македонија со три бода моментално се наоѓа на третото место на табелата, со бод помалку но и натпревар помалку од Данска и Германија кои веќе го одиграа своето прво коло во главната фаза.

Шпанија се наоѓа веднаш зад Македонија на табелата со 2 бода, откако во првата групна фаза славеше убедливо над Чешка (32-15), додека од Данска доживеа пораз (25-22). Денеска покрај средбата Македонија – Шпанија, во Вараждин ќе се одигра и натпреварот Германија – Данска кој ќе почне од 18:15 часот.

Македонија и Шпанија последен пат се сретнаа во јануари 2017 година на Светското Првенство во Франција и тогаш Шпанија славеше со 29-25. Последен пат на Европските Првенства меѓусебе играа во 2014 година во Данска, кога Шпанија победи со 33-22.

Да потсетиме, судии на вечерашниот дуел ќе бидат Белорусите Андреј Гушко и Сергеј Репкин.

Фото: macedoniahandball.com.mk